Recep Şakar
20 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
МЕЛБУРН (АА) - Министерката за надворешни работи на Нов Зеланд, Нанаија Махута, истакна дека нејзината земја ќе обезбеди хуманитарна помош од 3 милиони долари за Авганистан за поддршка на заедниците погодени од кризата во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Махута во соопштението на Министерството наведе дека помошта ќе биде доставена до Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Авганистан и Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (ОН).
Нагласувајќи дека овие организации даваат хуманитарна поддршка која значи живот за заедниците погодени од кризата во Авганистан и за оние кои бараат засолниште во соседните земји, Махута рече:
„Хуманитарната ситуација во Авганистан е страшна, милиони луѓе имаат потреба од помош, а исто така има стотици илјадници раселени луѓе поради неодамнешниот конфликт. Пријавено е дека 80 проценти од нив се жени и девојчиња.“
Махута истакна дека Нов Зеланд ги повикува сите страни „да го почитуваат меѓународното право, да ги заштитат хуманитарните работници и цивилите и да го поддржат правото на слобода на движење“.
„Ние, исто така, ги повикуваме оние што се на власт да ги обезбедат правата и слободите на жените и девојчињата, бидејќи оваа хуманитарна криза се влошува. Од витално значење е на хуманитарните организации да им се дозволи пристап до населението“, нагласи Махута.
Нов Зеланд пред мај ги повлече своите војници, кои служеа во Авганистан речиси 20 години.