Tevfik Durul
21 Јули 2017•Ажурирај: 23 Јули 2017
ПЕКИНГ (АА) - ТЕВФИК ДУРУЛ - Услугата на мобилно или електронско плаќање преку апликација на мобилен телефон во Кина се разви до таа мера, што жителите на оваа земја, на овој начин плаќаат дури и за кратка попладневна дремка во „вселенската капсула“, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, во Кина се повеќе се популарни капсулите со должина од два метри, широки еден метар, со футуристички дизајн што наликува на вселенска капсула, или „Спејс шатл“. Тие брзо стануваат сѐ попопуларни во земјата бидејќи лесно се користат и имаат поволна цена.
Врз основа кодот Дата Матрикс, кој се наоѓа во капсулата, доволно е вашиот паметен телефон да го препознае кодот и така себеси можете да си овозможите квалитетен попладневен сон.
Методот за мобилно плаќање се шири во секојдневниот живот во Кина, меѓу работничката класа, а особено кај вработените во администрацијата, и е достапен во трговските центри, такси, ресторани, кафулиња, дури и кај подвижните продавачи, и им овозможува на корисниците да извршат плаќање со нивниот паметен телефон без да имаат потреба да носат со себе банкарска картичка, кредитна картичка или паричник.
- Лесно е за користење
Мобилната апликација „WeChat“ има над 800 милиони корисници во Кина, а преку неа може да се плати за користење на вселенската капсула.
Откако ќе влезете во капсулата и ќе го завршите процесот на плаќање, вратата на „спејс шатлот“ автоматски се затвора .
Исто така, апликацијата ќе пресмета и колку долго ќе можете да спиете врз основа на платената сума. По завршувањето на употребата, следува дезинфекција со ултравиолетови зраци, па капсулата е подготвена за следниот „спијач“.
Најголема побарувачка за капсулите има во технолошки комплекс Конгуансун во Пекинг.
Еден од вработените во овој центар, Гуанд Тинлианг, за АА рече дека во периодот од 10 до 15 часот е многу тешко да се најде слободна капсула за спиење.
Информатичкиот инженер Ванг Јимин смета дека капсулата е одлична можност за работниците што досега дневната пауза ја користеле спиејќи на маса.
Инаку, во последните неколку месеци, во големите кинески градови се поставени илјадници капсули.