Riyaz Khaliq Khaliq
28 Јануари 2022•Ажурирај: 30 Јануари 2022
ПЕКИНГ
Повеќе од 30 лидери на држави, влади и меѓународни организации ќе присуствуваат на отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг следната недела, соопшти Министерството за надворешни работи на Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе одржи свеченост за добредојде на лидерите на странските држави, влади, членови на кралски семејства и шефови на меѓународни организации кои ќе присуствуваат на церемонијата на отворањето и ќе имаат релевантни билатерални активности“, рече портпаролката на Министерството, Хуа Чунјинг.
На листата на поканетите се наоѓа и рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман, катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Мухамед бин Зајед ал Нахјан и премиерот на Пакистан, Имран Хан.
Во Пекинг ќе бидат и претседателите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан, Полска, Србија, Сингапур, Аргентина, Еквадор и Монголија, заедно со генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, претседателот на Генералното собрание на ОН, Абдула Шахид и претседателот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Членовите на кралските семејства, вклучително тајландската принцеза Маха Чакри Сириндорн и принцот Алберт II од Монако, се исто така меѓу поканетите.
Поканетите доаѓаат, и покрај бојкотот на повеќе западни земји, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија и Канада, поради загриженоста за состојбата на човековите права во Кина.
Наводите за кршење на човековите права Пекинг ги нарече „политички вирус“, кој Западот ги користи за да ја омаловажува Кина.