Riyaz Khaliq Khaliq
04 Декември 2023•Ажурирај: 05 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денес најави самит на високо ниво со Европската Унија (ЕУ) што ќе се одржи во четврток, јавува Анадолу.
Хуа Чунјинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи, соопшти дека 24. самит Кина-ЕУ ќе се одржи во Пекинг.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг ќе оствари средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, истакна портпаролката.
Ова ќе биде прв самит Кина-ЕУ со физичко присуство од 2019 година.
Таа рече дека кинескиот премиер Ли Кианг со Мишел и Лајен заеднички ќе претседаваат со самитот.
На самитот ќе присуствува и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Се очекува двете страни да разговараат за односите меѓу ЕУ и Кина и за меѓународни прашања, меѓу кои и руско-украинската војна и војната во Газа.
Самитот Кина-ЕУ доаѓа во време кога 27-члениот блок започна истрага за увоз на електрични возила од втората по големина економија во светот.