Mücahit Aydemir
04 Декември 2023•Ажурирај: 05 Декември 2023
КУДС (АА) - Началникот на Генералштабот на израелската војска, Херзи Халеви, изјави дека во моментов водат борби на југот на Појасот Газа, како и на северот, пренесува Анадолу.
Во соопштението на израелската војска се наведува дека Халеви ги посетил израелските војници во Газа.
Тој истакнува дека „расформирале, иако не целосно“ две бригади на Хамас на северот на Газа.
Тврди дека извршиле напади врз воени претставници и команданти на Хамас.
„Се боревме силно и опширно на северот на Појасот Газа, а сега тоа го правиме и на југот на Појасот Газа“, рече Халеви.
Радиото на израелската војска објави дека војската почнала да спроведува копнена операција на југот на Појасот Газа.
Како што се наведува, оклопните единици на израелската војска почнале да дејствуваат на северот на градот Кан Јунис на југот на Појасот Газа и да напаѓаат позиции на Хамас.
Израелската војска го продолжи бомбардирањето на Појасот Газа рано утрово откако ја прекина еднонеделната хуманитарна пауза со палестинската група на отпорот Хамас.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш во израелските напади врз Појасот Газа загинаа 15.523 лица, од кои 70 отсто се деца и жени, а ранети се над 41.000 луѓе.
Официјалниот број на загинати во Израел изнесува 1.200.