Ayşe Doğru
22 Ноември 2019•Ажурирај: 23 Ноември 2019
ПЕКИНГ
Кинескиот претседател, Си Ѓипинг, истакна дека сакаат да склучат трговски договор со САД, но нема да се двоумат да одговорат доколку администрацијата на Вашингтон влезе во комерцијална војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Си, на средбата со трговската делегација на САД, која учествуваше на „Блумберг нов економски форум“, што се одржа во главниот град Пекинг, истакна дека Кина има позитивен став кон трговските преговори.
„Како што кажуваме секогаш, не сакаме да започнеме трговска војна, но не се плашиме. Ако има потреба, ќе одговориме. Сепак, ние се обидуваме да избегнеме трговска војна“, истакна Си, додавајќи дека се обидуваат да постигнат трговски договор врз основа на заемно почитување и еднаквост.
Во американската трговска делегација се наоѓаа и поранешниот министер за надворешни работи на САД, Хенри Кисинџер, секретарот за финансии, Хенк Полсон, и поранешниот трговски претставник Мајк Фроман.
Весникот „Волстрит џурнал“ вчера објави дека вицепремиерот Лиу Хи, главниот преговарач на Кина во трговските разговори, ги поканил своите американски колеги во Пекинг.
- Поминаа 18 месеци од трговската војна
18-месечната трговска војна меѓу Кина и САД започна со воведувањето на дополнителните тарифи на американскиот претседател, Доналд Трамп, за одредени производи увезени од Кина во март минатата година.
Трговската војна се прошири од соја, автомобилски делови, сè до технолошката програма на Кина „Made in China 2025“.
Кинескиот вицепремиер, Лиу Ху, присуствуваше на состаноците како „главен преговарач“. На 13-те состаноци на делегациите, што се одржаа во Вашингтон, Пекинг и Шангај, не беа постигнати резултати.
На почетокот на овој месец кинеското Министерство за трговија соопшти дека се согласиле со Соединетите Американски Држави за постепено намалување на дополнителните даноци што беа донесени во рамките на трговската војна.