Aşkın Kıyağan
28 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
ВИЕНА (АА) - Австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, критикувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп, изјави: „Светската политика не се води како да управувате со семејна холдинг компанија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Кнајсл беше гостинка во програма на државниот телевизиски канал ОРФ (ORF), каде што ја критикуваше одлуката на САД да се повлечат од Договорот за нуклеарната програма на Иран.
Истакнувајќи го значењето на постигнатиот договор за иранската нуклеарна програма, Кнајсл рече дека и покрај повлекувањето на САД, потребно е да се вложат напори за да се спаси постигнатиот договор.
Кнајсл потсети дека освен САД, сите останати страни потписнички на договорот се со став за негово сочувување.
Посочувајќи дека откажувањето од договорот може да предизвика сериозни проблеми во безбедноста поради проблемот со вооружување, Кнајсл ја даде следната проценка: „Повлекувањето од договорот може да има тешки ефекти врз нашата безбедност и ќе биде причина за сериозна загуба на довербата и во останатите договори“.
Шефицата на австриската дипломатија Кнајсл истакна дека вложила голем труд и волја за зачувување на Договорот за иранската нуклеарна програма.
Кнајсл рече дека во последно време дошло до некои кризи само поради фактот што претседателот на САД, Доналд Трамп, настаните ги гледа само од економски аспект и истакна: „Светската политика не се води како да управувате со семејна холдинг компанија“.
Претседателот на САД, Трамп, на 8 мај објави дека Америка се повлекува од Договорот за нуклеарната програма на Иран потпишан од Иран и 5+1 земји (САД, Франција, Кина, Русија, Велика Британија и Германија), што предизвика големи реакции од голем број земји, а првенствено од Иран.