Lokman İlhan
06 Јуни 2017•Ажурирај: 06 Јуни 2017
БОГОТА (АА) - Откако во Колумбија се уапсени неколкумина припадници на левичарските Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК), претставниците на оваа организација и државните структури во земјата се состанаа за да разговараат за нарушениот мировен процес, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот е одржан недалеку од градот Тибу, а присуствуваа членот на Врховната мировна комисија Серхио Џарамило, поранешниот министер за внатрешни работи Хуан Фернандо Кристо, лидерите на ФАРК, Родриго Лондоно и Пастор Алапе, и главниот преговарач на ФАРК, Иван Маркес.
По состанокот е порачано дека двете страни и понатаму се залагаат за ветувањата што се дадени претходно за време на мировниот процес.
Маркес потсети дека двајцата припадници на ФАРК се уапсени, а подоцна се пуштени на слобода, и порача дека за време на состанокот зборувале за теми коишто би можеле да го нарушат мировниот процес во случај да не се разрешат во вистинско време.
За време на викендот во Колумбија се уапсени двајца припадници на ФАРК, а кратко потоа се пуштени на слобода. Од ФАРК е порачано дека се работи за „кршење на договорот“. Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос исто така изјави дека до апсењето дошло поради недоразбирање, и дека за кратко време проблемот ќе биде решен.
Претставниците на колумбиската Влада и на Револуционерните сили на Колумбија (ФАРК) во Куба, кон крајот на август 2016 година потпишаа историски мировен договор за завршување на педесетгодишната војна во Колумбија.
Мировните преговори од ноември 2012 година се водени во главниот град на Куба, Хавана, а спротиставените страни соопштија дека постигнале конечен договор за прекин на судирите.
Договорот е пренесен и на референдум, а колумбискиот народ не го одобри мировниот договор меѓу владата и Револуционерните сили на Колумбија (ФАРК).
Бунтовничкото движење ФАРК се наоѓа на листа на терористички организации во САД и во ЕУ, а станува збор за милитантно движење коешто во врвот на моќта имаше повеќе од 17.000 вооружени борци, а моментлано вбројува околу 7.000 милитанти.
Во текот на 52 години судири меѓу владините сили и милитантите на ФАРК, во Колумбија загинаа повеќе од 220.000 лица, а раселени се повеќе од шест милиони жители.