Diyar Güldoğan
12 Август 2016•Ажурирај: 13 Август 2016
АНКАРА (АА) - Високиот комесар на ОН за човекови права изрази загриженост за политиката и практиките на Бугарија во третманот на мигрантите и бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Забелешките на Зејд Рад ал-Хусеин стигнаа во пишан извештај по втората посета на неговиот персонал на Бугарија во последните осум месеци.
Тој кажува дека има одреден позитивен развој на настаните од првата посета од страна на персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН во ноември минатата година, додавајќи дека најголемиот проблем сè уште е притворот на оние што влегуваат во земјата на невообичаен начин.
„Дури и полошо, тие исто така може да бидат кривично гонети и затворени во период од една година и повеќе – ако се обидат да ја напуштат земјата. Чинот на напуштање на земјата е криминализиран и покрај правото кое, според меѓународните закони, го има секој што сака да ја напушти земјата, вклучувајќи ја и сопствената”, рече тој.
Како резултат на тоа, оние што не спаѓаат во категоријата бегалци по дефиниција, а имаат оправдана причина за да пребегнат од своите матични земји, оставени се во неизвесност. Според Ал-Хусеин, „ова е нехумано и неприфатливо“.
Бугарските претставници имаа чести, агресивни изјави против мигрантите, рече тој, а „особено е вознемирувачки да се видат важни и влијателни јавни личности како изразуваат поддршка на нелегалните вооружени одмазднички групи кои дрско одат во лов на мигранти по делови на границата меѓу Бугарија и Турција“, додаде тој.
„Зголемувањето на ксенофобијата, исламофобијата и расизмот се меѓу најзагрижувачките закани за човековите права во Европа денес“, нагласи Ал-Хусеин.
Тој, исто така, побара од бугарската Влада да го стори потребното за да се спротивстави на алармантните трендови.