Bayram Altuğ
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Комитетот за човекови права на Обединетите нации (ОН) утврди дека забраната на носење бурка во Франција претставува кршење на човековите права и верските слободи, јавува Anadolu Agency (AA).
Комитетот на ОН донесе одлука во врска со жалбата која ја поднесоа две муслиманки, кои се осудени во Франција поради носење бурка.
Во соопштението е наведено дека во Франција на 11 октомври 2010 година на сила стапил закон со кој од „безбедносни причини“ на јавните места се забранува носење облека која го прекрива лицето.
Двете муслиманки, кои во 2012 година во оваа земја се казнети поради носење облека која го прекрива нивното лице, поднеле жалба, а Комитетот одлучи дека забраната во Франција претставува кршење на човековите права и верските слободи.
Комитетот во одлуката наведува дека во Франција не е доволно појаснето зошто се забранува носењето бурка, и дека е нанесена штета на жените кои не биле во можност да ги извршат своите верски обврски.
Од Комитетот, исто така порачаа дека полицијата од лицето кое носи бурка може заради идентификација да побара да го открие лицето, и е нагласено дека забраната на носење бурка е далеку надвор од својата цел.
Франција има на располагање 180 дена да се изјасни кои мерки ги презела во врска со одлуката на Комитетот за човекови права.