Dmitri Chirciu
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Путин вели дека е подготвен да се сретне со секого доколку е потребно. Сепак, ова бара разбирање за тоа каков би можел да биде исходот од состанокот и за што ќе се разговара, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во врска со можноста за средба на рускиот претседател Владимир Путин со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Песков во главниот град Москва даде изјави за медиумите осврнувајќи се на актуелните прашања.
Оценувајќи ја можноста рускиот претседател Путин и украинскиот претседател Зеленски да се сретнат во Турција, Песков рече: „Консултациите за ова прашање сѐ уште не се одржани.“
Од друга страна, наведувајќи дека никој не ја одбива можноста за средба, Песков рече:
„Путин вели дека е подготвен да се сретне со секого доколку е потребно. Сепак, ова бара разбирање за тоа каков би можел да биде исходот од состанокот и за што ќе се разговара. Засега нема такво разбирање.“
Песков нагласи дека билатералната средба на Путин со претседателот Реџеп Таип Ердоган е приоритет.
„Треба да се спроведат договори за Самитот во Нормандискиот формат“
Оценувајќи ја можноста за одржување Самит во Нормандискиот формат (Русија, Украина, Германија и Франција) за источноукраинското прашање, Песков рече дека самитите за ова прашање треба да се одржуваат континуирано.
„Но, за да се случи ова, Договорите [од Минск] треба да се спроведат“, нагласи Песков.
„Невозможно е Русија со медиумите да сподели информации поврзани со безбедноста“
Посочувајќи дека САД ја обвинија Русија за споделување на информациите за безбедносните гаранции со медиумите, Песков рече дека таквите обвинувања не ги прифаќаат.
Тврдејќи дека тоа е невозможно, Песков додаде: „За жал, нашите американски колеги често се сигурни за некои работи кои подоцна се покажуваат дека се погрешни.“