Sinan Doğan
12 Јули 2021•Ажурирај: 13 Јули 2021
БОГОТА (АА) – Во Куба, стотици луѓе протестираа против Владата поради влошената економска состојба со барање за слобода, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите во регионалните медиуми, стотици луѓе излегле на улиците во градот Сан Антонио де лос Бањос, што е оддалечен 33 километри од главниот град Хавана, демонстрирајќи против Владата. Граѓаните излегоа на протести и во други делови на земјата.
Демонстрантите, упатувајќи реакција до претседателот Мигел Дијас-Канел, извикуваа пароли како што се „Долу диктатурата“ и „Сакаме слобода“.
На снимките што беа споделени на социјалните медиуми, демонстрантите извикуваа и „Слобода, не се плашиме“, а соопштено е дека во некои региони се случиле и грабежи.
- Претседателот Дијас-Канел го повика народот да ги заштити револуциите -
Обраќајќи се на јавноста на кубанската телевизија и националното радио, Дијас-Канел, повикувајќи го народот да ги заштити кубанските револуции, рече: „Нема да го предадеме суверенитетот на нашата татковина, ги повикуваме сите револуционери да излезат на улиците насекаде и да ја бранат револуцијата.“
Тој ја обвини американската администрација за предизвикување политичка нестабилност во Куба за време на пандемијата и за нарушување на економијата со примена на блокада.
Претседателот призна дека има недостиг на лекови и електрична енергија во земјата поради рапидно растечкиот број на случаи на Ковид-19 и изјави дека би било посоодветно да се остане дома во оваа ситуација.
Во Куба, чија економија се влоши по епидемијата, луѓето страдаат од недостиг на лекови и пристап до основните потреби.
Очевидците велат дека се одржале најголемите демонстрации во земјата од август 1994 година.