Elena Teslova
01 Ноември 2023•Ажурирај: 02 Ноември 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес разговараше за ситуацијата во Појасот Газа, кој е под израелски напади од 7 октомври, со амбасадорите на земјите членки на Арапската лига, јавува Анадолу.
Лавров рече дека Русија се залага за прекин на огнот, заштита на цивилите, нивна евакуација од Појасот Газа, отворање хуманитарни коридори и враќање на заложниците.
„Министерот ги информираше арапските амбасадори за чекорите што нашата земја ги презема во Советот за безбедност на ОН, со цел да се стави крај на крвопролевањето и претворањето на ситуацијата во политички и дипломатски канал“, соопшти МНР.
Рускиот врвен дипломат повика да се зајакнат меѓународните напори насочени кон повторно започнување на израелско-палестинскиот мировен процес врз основа на резолуциите на ОН и арапската мировна иницијатива, со цел да се создаде независна палестинска држава во границите од 1967 година со главниот град во Источен Ерусалим.
Претставниците на арапскиот дипломатски кор се спротивставија на конфронтирачкиот став што го зазедоа западните земји и ја повторија поддршката за решението за две држави, нагласувајќи ја потребата за формирање колективен механизам за посредување со водечка улога на државите од Блискиот Исток.
Сите страни ги пофалија напорите на египетскиот претседател Абделфатах ал Сиси за протокот на хуманитарна помош во Газа и организирањето на самитот за мир во Каиро, се вели во соопштението.
Израелската армија ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдни воздушни напади по ненадејната офанзива на Хамас.
Покрај големиот број жртви, основните резерви се при крај за 2,3 милиони луѓе во Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли зголемените повици за прекин на огнот, велејќи дека тоа би било „предавање“ на Хамас и дека „тоа нема да се случи“.