Автор: Фехрат Туткал
- Авторот е репортер за странскиот деск на турскиот национален радиодифузер „ТРТ њуз“ и е магистер по меѓународни прашања на Либанскиот американски универзитет.
ИСТАНБУЛ (АА) - Како што продолжува израелската офанзива на Газа, либанско-израелската граница преживува најтензични денови од 2006 година. Израелска копнена интервенција во Газа ризикува да предизвика регионална војна со вмешаност на либанскиот Хезболах. Земјите што најверојатно ќе интервенираат во конфликтот се Соединетите Американски Држави (САД), Иран, Либан и Египет.
- Се зголемува опасноста од нов фронт против Израел на север -
Опасноста за нов фронт против Израел на северот е сè понеизбежна. Израелската копнена интервенција во блокираниот Појас Газа е во тек. Сепак, оваа интервенција има потенцијал да го втурне регионот во разорна војна и дополнителна нестабилност. Додека ги набљудуваме растечките демонстрации на окупираниот Западен Брег и судирите во кои е вклучено движењето Хезболах во Либан, станува очигледно дека копнената инвазија најпрво би предизвикала проблеми во овие области.
Сега Израел го гледа Хезболах како дел од војната. За време на посетата на северната граница на Израел, израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, рече: „Хезболах одлучи да ѝ се приклучи на војната и плаќа цена за тоа, а ние мора да бидеме подготвени за секаква евентуалност. Ни претстојат големи предизвици.“ Портпаролот на израелската армија, Џонатан Конрикус, го повтори ова, предупредувајќи дека активностите на Хезболах го вовлекуваат Либан во војна.
Со наизменичните напади меѓу Израел и Хезболах, избувнувањето војна од поголеми размери е можна со копнената инвазија на Израел во Газа. Хезболах, со поддршка на Иран, е подготвен да реагира како примарен актер. Иран преку своите изјави јасно стави до знаење дека деескалацијата не е на дневен ред, што значи дека треба да се очекуваат напади во областите во близина на американските бази и во опсегот на иранските застапници.
Израел не сака целосно да влезе во Газа без детална подготовка, имајќи ја предвид заканата што се наѕира на северот. Борбената моќ на Хезболах е споредлива со онаа на Хамас. Покрај моќта во либанската држава, со нејзините министри, членови на Парламентот и нејзиното влијание во државните институции, таа има силни врски со режимот на Асад и со Иран. Има и голем број борци како и муниција. Илјадници членови на Хезболах стекнаа искуство на терен во сириската граѓанска војна.
Хезболах има 20.000-25.000 активни борци и околу 30.000 резервен персонал, а се тврди дека бројот на воениот персонал може да достигне и до 100.000 во случај на војна. Опремен е со современо оружје. Последните процени се дека Хезболах располага со 150.000 ракети и проектили, вклучително и ракети со долг дострел. Со оглед на поддршката што ја добива од Иран, најверојатно ќе отвори фронт за Израел.
Сепак, познато е дека Хезболах не сака да се вклучи во целосна војна со Израел. Освен застрашувачкиот ефект на двата носача на авиони распоредени од САД во Источен Медитеран, политичката нестабилност и економската криза во Либан и цената на фронтот против Израел го прават и Хезболах колеблив. Но, можно е избивање војна под иранско водство.
Второто сценарио предвидува превентивен напад од Израел, обид да го фати Хезболах без стража. Во секој случај, израелската копнена инвазија на Газа најверојатно ќе ескалира во поголем израелско-ирански регионален конфликт.
- Ризикот од продолжен регионален конфликт поголем од кога било -
Непоколебливата поддршка за Израел од Западот е присутна и понатаму. Западните лидери ги осудуваат нападите врз цивилите, но продолжуваат да му даваат безусловна поддршка на Израел. Тоа што нема прекин на огнот ја отвора вратата за конфликт кој ќе ја прошири нестабилноста низ целиот Блиски Исток.
Постпењето на Иран против Израел, чија цел е да го истреби Хамас од регионот, го зголемува ризикот од проширување на конфликтот во регионот. Иранските застапници во Ирак и Сирија, каде што САД имаат бази, како и застапниците во Јемен, најверојатно ќе бидат вклучени во конфликтот. Фактот дека иранските застапници извршија напади со беспилотни летала врз американските бази во регионот е показател дека ескалацијата на тензиите ќе се прошири и во други земји.
Египет, исто така, е меѓу земјите каде што тензиите би се зголемиле при евентуална копнена операција. Египет, кој е единствен директен пат за бегство за повеќе од два милиона жители на Газа, демографски и економски не е во состојба да дозволи таков егзодус. Тоа ќе го принуди Египет да се вклучи во конфликтот, иако неволно.
Војната меѓу Израел и Хезболах на границата, можеби со копнена операција, проследена со продолжен конфликт во кој ќе се вклучат Сирија, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, каде што Западот зазема страна, е најлошото сценарио. Последиците од вториот продолжен конфликт, сличен на украинско-руската војна, би биле катастрофални за регионот. Покрај разорните последици врз населението на Блискиот Исток, регионалната војна би имала директно негативно влијание врз кревките економии во регионот и веројатно би ја зголемила нестабилноста на цените на енергијата што ќе влијае врз економиите и на многу други земји.
Поддршката на Кина и Русија за Палестина во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и поддршката на западниот блок за Израел покажуваат дека напорите на ОН за деескалација на конфликтот ќе бидат неуспешни. Исто така, гласната поддршка на Туркије за Палестина и нејзината одлука да ја откаже потенцијалната енергетска соработка со Израел сигнализираат поларизација меѓу државите за конфликтот.
Со тоа што палестинско-израелскиот конфликт добива глобални димензии, израелската Влада се соочува со сè помал прозорец на можности. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, соочен со зголемени критики, ја гледа копнената операција како потенцијално решение за враќање на кредибилитетот. Иако неговата Влада смета дека копнената операција е единствен начин да се спаси нејзиниот нарушен имиџ, западниот притисок може да го принуди Израел да спроведе краткорочна, локализирана копнена операција за да избегне понатамошна ескалација во регионот. Но, дури и ова можеби не е доволно за да се избегне војна.
На Блискиот Исток, кој веќе се бори со нестабилност во повеќе региони, копнената операција во Газа може да предизвика губење контрола. Народите на Блискиот Исток, кои долго време се борат со економски и политички потешкотии, не можат да си ја дозволат оваа нова криза. Сите страни во конфликтот мора да преземат акција за деескалација на тензиите пред ситуацијата да излезе од контрола, без можност за враќање назад.
*Мислењата изразени во овој напис се на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Анадолу.