Emre Gürkan Abay
22 Март 2021•Ажурирај: 23 Март 2021
МОСКВА
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, истакна дека ризиците од санкциите на САД може да се намалат со употреба на национални валути во трговијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров во изјавата за медиумите, дадена пред неговата посета на Кина, истакна дека Русија и Кина треба да ја зајакнат својата независност.
Наведувајќи дека САД се обидуваат да ги ограничат можностите за технолошки развој на Русија и Кина, Лавров рече:
„Тие на преден план ги истакнуваат своите идеолошки агенди кои имаат за цел да го задржат нивниот суверенитет спречувајќи го развојот на другите земји. Животот ги принудува Русија и Кина да изградат линија за економски и социјален развој без да бидат обврзани со каприците на западните земји.“
Шефот на руската дипломатија рече дека Русија и Кина треба да ја намалат употребата на доларот.
„Ризиците од санкции од страна на САД може да се намалат со употреба на национални или алтернативни валути на доларот во трговијата. Мора да се оддалечиме од меѓународните платни системи контролирани од Западот“, истакна Лавров.
Русија започна да го зголемува учеството на златото, еврото и јуанот со намалување на уделот на доларот во девизните резерви поради санкциите на САД. Еврото има најголемо учество во резервите на Русија со 29,5 проценти, а учеството на јуанот изнесува 12,2 проценти.