Elena Teslova
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес изјави дека земјите кои го затвориле воздушниот простор за неговиот лет за Белград сакаат да ѝ се додворуваат на Европската Унија (ЕУ), која, пак, сакала да го спречи да го изнесе ставот на Русија во една европска земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата во Москва, по повод откажувањето на посетата на Белград, Лавров рече дека се случило нешто „незамисливо“ со тоа што на Србија ѝ било одземено правото да води меѓународна политика.
„Ова е уште една многу јасна и поучна демонстрација за тоа колку далеку можат да одат НАТО и Европската Унија, користејќи најниски методи за влијание врз оние што се водени од националните интереси и не се подготвени да ги жртвуваат своите принципи, нивното достоинство за правилата наметнати од Западот наместо меѓународното право“, изјави Лавров.
Тој нагласи дека без обѕир на потешкотиите, никој нема да може да ги уништи односите на Русија со Србија.
Лавров додаде дека го поканил својот српски колега Никола Селаковиќ да ја посети Москва што е можно поскоро.
„Го поканивме Никола Селаковиќ, министерот за надворешни работи, што поскоро да ја посети Русија. Се надевам дека авионот со кој ќе лета, редовен или специјален, нема да биде подложен на уште една срамна казна на Брисел и неговите клиенти, кои воопшто изгубија секаква пристојност“, рече министерот.
Лавров додаде дека ЕУ исто така не сака Русија да покаже поддршка за иницијативата на Белград за спроведување на проектот „Отворен Балкан“ во интерес на подобрување на односите меѓу сите земји во регионот.
„Сега на сите ни е очигледно дека Брисел, односно НАТО и ЕУ, сакаат да го претворат Балканот во нивниот проект наречен Затворен Балкан“, изјави Лавров.
Лавров изјави дека откажувањето на неговата посета на Србија е во согласност со европската политика на прикривање на вистината.
За можниот одговор на Русија, Лавров рече дека Москва никогаш нема да преземе нешто и со тоа да ги комплицира односите меѓу земјите.