Elena Teslova
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Москва е задоволна што на иницијатива на Туркије, раководството на Украина потпиша писмени гаранции дека нема да го користи црноморскиот хуманитарен коридор за воени цели, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во однос на Договорот за жито, задоволни сме што на иницијатива на Туркије, украинското раководство потпиша на хартија гаранции за неповторување на обидите за користење на хуманитарните рути низ Црното Море за воени цели. Продолжувањето на украинскиот дел од договорот е обновен“, рече Лавров на прес-конференција во Аман по средбата со неговиот јордански колега Ајман ал Сафади.
Лавров истакна дека нема резултат во однос на вториот дел од договорот, предложен од генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, за отстранување на сите препреки за извоз на руски ѓубрива и жито.
„Уште еднаш го повикавме генералниот секретар... да ги исполни обврските што ги презеде во рамките на сопствената иницијатива“, порача Лавров.
Рускиот министер ги повика земјите кои воведоа санкции за извоз на храна и ѓубрива од Русија, да ја прифатат својата одговорност како поддржувачи на договорот промовиран од ОН, за имплементација на неговиот втор дел.
„Во однос на вториот дел од овој пакет [договорот за коридорот за жито], како што веќе реков, најсериозните мерки треба да се преземат во многу блиска иднина, особено ако зборуваме за количествата ѓубрива и жито. Тогаш овие количества од руска страна се неспоредливо поголеми од украинската стока“, рече тој.
На 22 јули, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито преку Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораката.