Ekipa
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - Поранешниот пакистански премиер Имран Кан е повреден во оружен напад за време на неговиот долг марш во областа Вазирабад во југоисточната пакистанска покраина Пенџаб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според локалните медиуми, неидентификувани напаѓачи отвориле оган врз возилото на Кан во близина на Алах Хо Чок во Вазирабад.
„Имран Кан се здоби со полесни повреди откако куршум го погоди во ногата. Тој е пренесен во болница“, соопшти лидерот на партијата Пакистанско движење за правда, Фавад Чаудри, за пакистанскиот информативен канал „АРИ њуз“.
Сенаторот од Пакистанското движење за правда, Фајсал Џавед и уште неколку други учесници на митингот, исто така, се повредени во оружениот напад, според јавувањата на локалните медиуми.
Азхар Машвани, локалниот лидер на Пакистанското движење за правда, рече дека Кан е на безбедно.
- Во нападот на конвојот на поранешниот премиер Кан загина едно лице
Во нападот на конвојот во кој се наоѓаше поранешниот премиер на Пакистан, Имран Кан, загина едно лице.
Поранешната министерка за здравство, Јасмин Рашид, изјави дека во нападот се ранети шест лица, вклучувајќи го и Фајсал Џавед Кан, еден од истакнатите членови на партијата.
Таа додаде дека здравствената состојба на Кан е добра.
Не е познат идентитетот на загинатото лице.
Нападот го осудија и претседателот на Пакистан, Ариф Алви и премиерот Шахбаз Шариф.
Шариф изјави дека не смее да има насилство во светот на политиката и дека на Пенџаб ќе му биде дадена сета потребна поддршка кога се во прашање безбедноста и истрагата.
Локалните медиуми објавија дека приврзаниците на Кан фатиле двајца напаѓачи и им ги предале на безбедносните сили.