Muhammed Karabacak,Ömer Koparan
20 Август 2025•Ажурирај: 22 Август 2025
ДАМАСК (АА) - Во Националниот центар за визуелни уметности во Дамаск, Сирија, во присуство на членови на владиниот Кабинет и бројни амбасадори, беше лансирана сириската државна новинска агенција САНА со нова структура и уредничка визија, јавува Анадолу.
Покрај членовите на сириската влада, на настанот присуствуваа и заменик-генералниот директор и главен уредник на Агенција Анадолу (АА), Јусуф Озхан, како и амбасадори од многу земји.
На свеченоста беше прикажано промотивно видео за новиот изглед на агенцијата САНА. Во видеото визуелно беа претставени важните настани во Сирија во последните десет години.
Генералниот директор на САНА, Зијад Мехамид, и министерот за информации, Хамза Ел-Мустафа, одржаа воведни говори.
- Насмевки на лицата -
Во своето обраќање, заменик-генералниот директор на АА, Јусуф Озхан, го изрази своето задоволство што учествува на настанот во сирискиот главен град во име на Агенција Анадолу.
Озхан нагласи дека во последните десет години во Сирија беше место на интензивни конфликти и дека земјата често беше во медиумите поради разорувањето и масакрите од страна на режимот на Башар ал-Асад, додавајќи:
„Меѓутоа, денес е исклучително охрабрувачки за нас да ги видиме нашите сириски колеги како гледаат кон иднината со надеж и насмевка на лицата.“
Тој укажа на видливиот напредок во обновата низ целата земја и додаде:
„Додека шетаме по улиците, ги гледаме овие работи. Како дел од ова, видовме дека и Сириската новинска агенција интензивно дејствува“, рече Озхан.
Тој потсети дека за време на неговите претходни посети разговарал со генералниот директор на САНА, Зијад Мехамид, за овие теми и нагласи дека АА, како сестринска агенција, истражува начини за идна соработка со САНА.
Озхан истакна во рамките на програмата претставен е и новиот дизајн на логото на Сириската новинска агенција, и додаде:
„Организирани се различни презентации кои покажуваат траги од промени во редакциите. По воведните говори, прикажано е исклучително импресивно видео за настаните во Сирија во изминатата деценија.“
Тој рече дека како АА се во Дамаск за да им дадат морална и професионална поддршка на колегите новинари во Сирија и прелиминарно да разговараат за идните заеднички проекти.
- Развивање на соработката со Агенција Анадолу -
Генералниот директор на САНА изјави дека агенцијата го завршила своето реструктуирање со нова уредничка линија и современ медиумски јазик и достигнала силна позиција.
Тој нагласи дека новото лице на САНА, со модерен и динамичен медиумски пристап, практично го означи нејзиниот нов почеток.
„Покрај тоа, основавме посебна дирекција за дигитални медиуми. Нашата агенција ќе биде активна на социјалните мрежи. Исто така, лансиравме нова веб-страница опремена со модерни алатки за зголемување на перформансите“, рече тој.
Мехамид нагласи дека САНА, која претходно имаше изолирана и затворена структура, сега ги отвора своите врати за сите домашни и меѓународни медиумски куќи:
„На маса се проекти за потпишување протоколи за соработка со многу меѓународни и арапски агенции, пред се со Агенција Анадолу“, рече тој.
Најави дека наскоро ќе организира посета на АА во овие рамки, додавајќи дека ќе развие можности за соработка со АА.
- АА како инспирација -
Министерот за информации Хамза Ел-Мустафа рече дека лансирањето на САНА е пресвртница и дека агенцијата повеќе не се перцепира како државен блог, туку како професионална новинска служба.
Нагласи дека овој пристап е обликуван и инспириран од работата на институционалните и професионалните агенции како што е Агенција Анадолу, додавајќи:
„АА беше еден од моделите на инспирација во нашиот процес на реструктуирање. Покрај тоа, користевме и други примери.“
Мустафа ја нагласи важноста на воспоставување соработка со професионални агенции, особено со АА, поради нејзиниот голем опсег и влијание.