Mahmut Geldi
22 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
БЕЈРУТ (АА) - По оставката на премиерот Саад Харири на 29 октомври минатата година, Либан денес доби нова Влада под водство на премиерот Хасан Диаб, кој ја има поддршката на шиитската организација Хезболах и нејзините политички сојузници, јавува Агенција Анадолија (AA).
Либанскиот претседател Мишел Аун денеска во Претседателската палата ги прими премиерот Диаб и претседателот на Парламентот Набих Бери.
Диаб на прес-конференцијата по состанокот на јавноста ѝ ја претстави листата со 20 имиња што ја сочинуваат новата влада. Според него, новиот Кабинет е составен од технократи и порача дека ќе работи на новиот изборен закон.
Говорејќи дека Либан минал низ тежок период и дека за првпат во својата историја се борел сè додека не формира влада која има карактеристики да ја спаси земјата, Диаб демонстрантите кои се бореа за тоа ги нарече „револуционери“.
Исто така, наведувајќи дека неговиот Кабинет е формиран во согласност со очекувањата на демонстрантите, Диаб вети дека ќе работи и на враќањето на ограбениот јавен имот и независноста на правосудството.
„Нема време за губење, време е за работа“, порача Диаб, откривајќи дека неговата прва меѓународна посета ќе биде во арапска земја, веројатно една од заливските земји. По 13-дневни протести во земјата, поранешниот премиер Саад Харири на 29-ти октомври најави дека ќе поднесе оставка до претседателот на земјата Мишел Аун, што го стори за неколку часа.
Незадоволни од владиниот план за реформа на даночниот систем, демонстрантите во Либан започнаа протести на 17 октомври, а оттогаш во скоро сите поголеми градови се одржуваа масовни собири под мотото „Ланец од луѓе“.
Најголемиот гнев на демонстрантите го предизвика планот на Владата за воведување данок на комуникациите, а посебно на мрежата ВатсАп (WhatsApp).