Ekipa
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Лондонската полиција денес соопшти дека шест лица загинале во пожарот што изби во една повеќекатница во Лондон, но се очекува бројот на жртвите да се зголеми, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во овој момент можеме да ја потврдиме смртта на шест лица, но веројатно бројот на загинатите ќе се зголеми во текот на наредните денови”, изјави полицискиот командант Стјуарт Кунди и додаде дека голем број лица се хоспитализирани.
Од лондонската амбулантна служба велат дека 50 лица се пренесени во пет болници по големиот пожар во повеќекатната станбена зграда во западен Лондон.
Дени Котон, комесарка на лондонската противпожарна служба, изјави дека се работи за исклучително голем пожар и дека во својата 29-годишна кариера не видела толку голем пожар во станбена зграда.
Од противпожарната служба соопштија дека стабилноста на 27-катната зграда во Лондон ја проверува инженер, и се напоменува дека зградата засега е безбедна и пожарникарите можат да влезат внатре и да спасуваат луѓе.
Пожарот изби денес, околу еден часот по полноќ, и брзо се прошири низ зградата. За кратко, на местото на несреќата пристигнаа повеќе од 20 екипи на итната помош и околу 200 пожарникари со 45 противпожарни возила.
Неколку часа по избивањето на пожарот, густиот чад можеше да се види на оддалеченост од неколку километри.