Mustafa Keleş,Canberk Yüksel
09 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
ЛУИСВИЛ (АА) - Последниотo збогување со легендата на боксот и еден од спортистите кој го одбележа 20-от век, Мухамед Али, кој почина во 74-та година, почнува денес во Луисвил, јавува Anadolu Agency (AA).
Али е роден во Луисвил во кој се одвиваат подготовки за најважниот настан во историјата на овој град. На голем број места положени се венци под табла на која е испишана биографијата на овој голем спортист. Покрај цвеќето се наоѓаат и боксерски ракавици.
Голем број фанови веќе пристигнаа во родниот град на легендата на боксот. Погребот на Мухамед Али ќе се изврши по исламските обичаи во Луисвил во кој живеат околу 600.000 жители.
Се очекува на погребот да присуствуваат околу 15.000 луѓе меѓу кои и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Погребот ќе го предводи имамот Заид Шакир кој за АА изјави дека со смртта на Али, исламскиот свет изгуби голема вредност. Според неговите зборови, Али воспостави хармонија помеѓу различните верски заедници.
Последното збогување од Али се продолжува утре во Центарот „KFC Yum”. Се очекува да бидат присутни претставници на сите религии. Ќе бидат одржани говори од страна на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, актерот Вил Смит кој го глумеше Али во филмот снимен во 2011 година, комичарот Били Кристал и спортискиот водител Брајант Гамбел.
Мухамед Али ќе биде закопан утре на гробиштата Кејв Хил.
Порпаролот на семејството на Али, Боб Гунел, на прес-конференцијата изјави дека биле поделени бесплатни влезници за комеморацијата во Центарот „KFC Yum” и дека влезниците се раздадени за многу краток временски период.
Али боледуваше од Паркинсонова болест откако престана да се занимава со боксот. Откако беше хоспитализиран поради респираторни проблеми почина во болница во Феникс.
Од почетокот на кариерата покажуваше исклучителен талент за бокс. Практикуваше нетипичен начин на борба со спуштен гард и брзо движење низ рингот.
Во аматерскиот бокс кариерата ја заврши со освојување на златниот медал на Олимписките игри во Рим во 1960 година во тешка категорија. Првата борба за титулата првак во професионалниот бокс ја имаше веќе во 1962 година, кога во контроверзниот меч го победи Сони Листон.
Боксерот до својот 61 меч забележа 56 победи, од нив 37 нокаути. Американскиот боксер Касиус Марселус Клеј Јуниор во 1964 година премина во ислам и го зеде името Мухамед Али.