Ahmet Gürhan Kartal
13 Февруари 2019•Ажурирај: 13 Февруари 2019
ЛОНДОН Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ја обвини американската Влада за кризата во неговата земја, опишувајќи ја американската администрација како „банда на екстремисти“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Тие се загреваат со цел да ја заземат Венецуела“, изјави Мадуро во специјално интервју за „Би-би-си“.
Мадуро за време на интервјуто одржано во венецуелскиот главен град, Каракас, изјави дека се надева оти екстремистичката група во Белата куќа ќе биде поразена од моќното јавно мислење низ светот.
„Тоа е политичка војна, на империјата на Соединетите Американски Држави, на интересите на екстремната десница која денес владее, на Кју Клукс Клан, кој владее со Белата куќа, за да ја преземат Венецуела“, рече тој.
Мадуро во врска со прашањето „Дали верува оти Трамп е расист“ вели дека тоа е јавно и отворено.
„Тие нè мразат, нè омаловажуваат, бидејќи тие само веруваат во сопствените интереси и во интересите на САД“, додаде тој.
Венецуелскиот претседател, исто така, ја отфрли можноста за хуманитарна помош од странство во земјата, велејќи дека неговата земја има капацитет да ги задоволи сите потреби на својот народ и дека немаат потреба да бараат од никого.
Тој изјави дека САД имаат намера да создадат хуманитарна криза со цел да ја оправдаат воената интервенција.
„Ова е дел од тој крстозбор. Затоа, со сето достоинство им кажуваме дека не ги сакаме нивните трошки, нивната токсична храна, нивните остатоци“.
„Која е логиката, резонирањето, да се повторат изборите?“, запраша Мадуро.
Тој за „Би-би-си“ изјави дека околу 10 влади го поддржуваат Хуан Гваидо и дека се обидуваат да наметнат влада која никој не ја избрал.
„Екстремистите на Белата куќа го презедоа тоа за да извршат државен удар во Венецуела“.
Венецуела е погодена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат на функцијата претседател по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.
Тензичноста дополнително се зголеми кога опозицискиот лидер Гваидо, на 23 јануари се прогласи за вршител на должноста претседател, за што поддршка му пружија САД и многу европски и латиноамерикански земји.
Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико својата поддршка му ја дадоа на Мадуро.