Sena Güler
13 Февруари 2019•Ажурирај: 13 Февруари 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, синоќа потврди дека Израелските воздушни сили извршиле жестоки напади на јужниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Непосредно пред заминувањето во Полска на конференција за Блискиот Исток, шефот на израелската Влада, Нетанјаху, синоќа се обрати на новинарите на аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив.
Тој изјави дека конференцијата во Варшава е исклучително важен меѓународен собир и дека Иран е главна тема на тој собир.
„Постојано работиме на блокирање на Иран. Секојдневно вршиме операции, вклучувајќи ги и вчерашните напади кои ги извршивме со цел спречување на иранските намери да се прошири во регионот“, изјави Нетанјаху.
Тоа беше своевидна потврда дека вчерашните воздушни напади на јужниот дел на Сирија ги извршиле израелските бомбардери.
Локалните извори претходно јавија дека цел на нападите во покраината Кунејтра биле позициите на Хезболах, организацијата која блиску соработува со Иран и која го поддржува режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Израелските институции речиси никогаш не ги откриваат деталите за нападите во Сирија.