Ekipa
23 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, вчера изјави дека неговата влада подготвува мерки против евентуална економска блокада од страна на Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Венецуела е во центарот на голема глобална кампања на клевета. За жал, ние сме во најлош момент во односите со владата на САД. Велам за жал, бидејќи мојот предлог, заснован на дијалогот меѓу цивилизациите, беше да имаме односи на почит и со претседателот Доналд Трамп“, рече Мадуро во изјава за новинарите во претседателската палата.
Мадуро го повика папата Франциско да го поддржи против „воените закани“ на САД, во време кога меѓународниот притисок се зголемува како резултат на големата политичка криза со која се соочува Венецуела во последните неколку месеци.
„Нека ни помогне папата да го спречиме Трамп во испраќањето трупи во Венецуела. Го молам папата да ни помогне против воените закани на САД“, рече Мадуро.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна изрази загриженост во врска со сѐ поголемата хуманитарна криза во Венецуела поради што не ја исклучува можноста од воена интервенција како одговор.
Администрацијата на Трамп веќе воведе санкции против претседателот на Венецуела и против голем број други поранешни и актуелни функционери на таа јужноамериканска држава, откако дојде до репресија над лидерите на опозицијата.
Белата куќа објави дека го одбила барањето на Мадуро да разговара со Трамп со образложение дека прво е потребно во Венецуела да се врати демократијата.
Венецуела има најголеми резерви на нафта во светот, и е трет најголем снабдувач на САД.
Земјата западна во голема политичка и економска криза, бидејќи ниските цени на нафтата ја принудија Владата да ги намали или целосно да ги укине социјалните програми.
Кризата предизвика гнев кај јавноста и масовни протести во кои од април оваа година загинаа над сто лица.