İlayda Çakırtekin
12 Септември 2025•Ажурирај: 13 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон по телефонскиот разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, предупреди дека тековната војна на Израел во Газа „сè повеќе ја става во опасност регионалната стабилност“, јавува Анадолу.
„Мора да има крај на војната што секој ден сè повеќе ја става во опасност регионалната стабилност“, напиша Макрон на американската компанија за социјални медиуми X откако синоќа разговараше со Бин Зајед за неодамнешните израелски напади врз Доха.
Макрон нагласи дека почитувањето на државниот суверенитет е „суштински принцип“ за регионалната стабилност, како и решението со две држави.
„Му ја повторив на претседателот Мохамед бин Зајед зголемената итност за конечно постигнување договор што ќе овозможи ослободување на сите заложници и спроведување на прекин на огнот во Газа, со што ќе им се овозможи потребната помош на Палестинците во Газа“, додаде тој.
Во вторникот израелски воени авиони извршија воздушен напад врз раководството на Хамас во главниот град на Катар, при што се убиени петмина членови на Хамас и еден припадник на катарскиот безбедносен персонал.
Нетанјаху во средата ѝ порача на Доха: „Или ги протерувате (Хамас) или ги изведувате пред лицето на правдата. Бидејќи ако не го сторите тоа, ние ќе го сториме тоа.“
Нетанјаху го спореди израелскиот напад врз Доха со американскиот прогон на Ал-Каеда по терористичките напади на 11 септември 2001 година. Катар брзо ја отфрли споредбата, нарекувајќи ја „ново, мизерно оправдување за предавничките практики на Израел“ и безобѕирно кршење на неговиот суверенитет.
Катар, заедно со САД и Египет, игра централна улога во напорите за посредување за ставање крај на израелската војна во Газа, во која од октомври 2023 година се убиени повеќе од 64.700 Палестинци.