Esra Taşkın
23 Април 2022•Ажурирај: 24 Април 2022
ПАРИЗ (АА)
– Есра ТАШКИН
Во Франција утре ќе се одржи вториот круг од претседателските избори на кои 48,7 милиони регистрирани гласачи ќе го бираат шефот на државата за наредните 5 години. Кандидати се актуелниот претседател Емануел Макрон и екстремната десничарка Марин Ле Пен, известува Агенција Анадолија (АА).
Истражувачките центри ќе ги објавуваат резултатите на излезните анкети веднаш по затворањето на гласачките места во вечерните часови, а Уставниот суд на Франција ќе ги објави официјалните резултати на 27 април.
Претседателскиот мандат на победникот од утрешните избори ќе започне на 13 мај.

– Макрон
Макрон победи на изборите одржани во 2017 година и стана најмладиот претседател во историјата на Франција, а неговиот мандат, меѓу другото, остана запаметен по масовните демонстрации на „жолтите елеци“, како и по воведувањето на законот чија цел беше муслиманската заедница во земјата.
Макрон во текот на оваа предизборна кампања вети дека, доколку биде избран, неговиот нов премиер ќе биде директно одговорен за климатските прашања. Актуелниот претседател вети и дека пензиите би требало да бидат најмалку 1.100 евра.
– Ле Пен
Екстремната десничарка Ле Пен по третпат се кандидира за претседател на Франција, а вети дека, доколку биде избрана, ќе ги смени законите што го регулираат прашањето на миграциите и тоа со организирање референдум по тоа прашање.
Ле Пен вети и дека ќе го забрани носењето хиџаб на јавните места.

– Реванш од 2017
Двајцата кандидати кои ќе се натпреваруваат на утрешните избори се сретнаа и во вториот круг на изборите во 2017 година.
Абес Ламжед (60), Французин со потекло од Тунис, за АА изјави дека било очекувано Макрон и Ле Пен да се најдат во вториот круг и додаде дека смета на повторна победа на Макрон бидејќи генерално, екстремните струи не се доминантни во Франција.
Французинката Ана Флави (24) за АА рече дека е јасно дека гласачкото тело на Ле Пен е значително поодлучно и полојално од гласачите на Макрон.
„Макрон ќе ги собере гласовите на бирачите кои не сакаат да гласаат за Ле Пен, но луѓето нема да бидат среќни, ниту задоволни доколку Макрон победи“, рече Флави и додаде дека би сакала наместо Ле Пен, во вториот круг на изборите да влегол некој друг.
И наставничката Жулиет Пангам за АА изјави дека би било поинтересно доколку во вториот круг на гласање влегол Жан-Лук Меланшон.
Таа смета дека Макрон ќе слави уверлива победа само затоа што гласачите масовно ќе гласаат за него за да ја спречат победата на Ле Пен и нејзината радикална десница.
Музичарката Отом Лажет рече дека во првиот круг гласала за Меланшон, но дека во вториот ќе гласа за Макрон бидејќи не сака ниту да помисли дека Ле Пен би можела да застане на чело на државата.
„Ле Пен се обидува како нормално да го претстави сето она што го мразам, а тоа се расизмот и исламофобијата“, рече Лажет, која исто така најавува убедлива победа на Макрон.
Каролин Суримон (25) исто така не е задоволна со изборот на кандидатите што влегоа во вториот круг на гласање, додавајќи дека посакувала некој трет кандидат. Таа смета дека голем број гласачи би можеле да апстинираат или во кутиите да уфрлат празни ливчиња, а при такво сценарио, според неа, шанси за победа би можела да има и Ле Пен.