Ekipa
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
ПАРИЗ (АА) - Откако не успеа да освои апсолутно мнозинство на неодамнешните парламентарни избори во земјата, францускиот претседател Емануел Макрон денес ја одби оставката на премиерката Елизабет Борн во обид да ја одржи Владата, се вели во соопштението од Елисејската палата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Макрон ја одби оставката на Борн „за да може Владата да остане на своите задачи и да дејствува во овие денови“, се вели во веста на БФМТВ (BFMTV), цитирајќи изјава од претседателскиот кабинет
Традиционално, мандатот на актуелната влада завршува еден ден по парламентарните избори, по кои премиерката му врачува учтива оставка на претседателот, се наведува на веб-страницата на Владата. Потоа го презема новата влада на победничката партија.
Ниту една партија не излезе од вториот круг гласање во неделата со апсолутно мнозинство, што доведе до поделен Парламент.
Алијансата „Заедно“ на Макрон излезе во водство со 245 места, но не ги доби потребните 289 места. Левичарската политичка коалиција, НУПЕС (Нова еколошка и социјална народна унија) доби 131 место, додека Националниот собир на крајнодесничарката Марин Ле Пен доби 89.
За да обезбеди мнозинска поддршка во Парламентот, Макрон има две можни опции: Или да формира сојуз со опозициските партии или да го распушти Собранието и да свика нови избори. И двете опции се ризични за продолжување на агендата за вториот мандат на неговата влада за клучните прашања како енергетските, економските, финансиските и безбедносните реформи на кои се спротивставуваат опозициските партии.
Криза ја снајде и новоформираната НУПЕС, која ги вклучува партијата Непокорена Франција, Социјалистичката партија, Француската комунистичка партија, Европа екологија - Зелени (EELV) и други помали партии, откако поединечните партиски лидери го отфрлија предлогот на основачот Жан-Лук Меланшон за формирање заедничка пратеничка група обединета во опозиција на партијата на Макрон. Доколку НУПЕС се распадне, екстремно десничарските пратеници на Ле Пен ќе бидат најмоќната опозициска сила во Парламентот.
Макрон започна политички консултации со лидерите на главните политички партии со надеж дека ќе постигне успех, а разговорите се очекува да продолжат утре. Официјални лица од Елисејската палата изјавија дека шефот на државата ќе се обиде да „изнајде можни конструктивни решенија во служба на Французите“, се вели во веста на БФМТВ.
Премиерката Борн ќе се сретне со Макрон, заедно со оние членови на актуелната влада кои ги задржаа пратеничките места и имаат право да продолжат со министерската функција.