Mehmet Özay
02 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) – Малезија од идната седмица ќе воведе визи за државјаните на Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Малезија, Захид Хамиди изјави дека од идната седмица прекинува безвизниот режим за државјаните на Северна Кореја.
Захид пренесе дека одлуката за воведување визи за државјаните на Северна Кореја е донесена поради национална безбедност.
Одлуката дојде откако на 13. февруари, на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур беше убиен Ким Џонг-нам со нервниот отров VX, од страна на две жени од кои едната е државјанин на Индонезија, а другата на Виетнам.
Група членови на партијата Обединетата малезиска национална организација (УМНО), која е голем партнер на владата, минатата недела организираа демонстрации пред амбасадата на Северна Кореја, упатувајќи повик до владата да стави крај на безвизниот режим за државјаните на Северна Кореја.
Вчера започна судскиот процес против државјани на Индонезија и на Виетнам, вмешани во убиството на Ким Џонг-нам.
На првото рочиште, обвинетите ги негираа обвинувањата против нив. Второто рочиште ќе се одржи на 13. април. Доколку се докаже дека обвинетите се виновни, можно е тие да се соочат со смртна казна.
Ким Џонг-нам, полубрат на претседателот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, беше убиен во напад на 13. февруари, на аеродромот во Куала Лумпур. Благодарение на снимките од безбедносните камери, една од жените-напаѓачи, Сити Ајша беше фатена во нејзината хотелска соба, додека пак, Доан Ти Хуонг беше фатена на аеродромот, при обидот да побегне.