Ahmet Gürhan Kartal
23 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската полиција приведе 23-годишно момче осомничено за поврзаност со синоќешниот терористички напад на концертот во „Манчестер Арена“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Можеме да потврдиме дека во врска со синоќешниот инцидент во Манчестер приведено е 23-годишно момче во јужниот дел на градот“, изјави неименувано полициско официјално лице.
Паралелно со тоа, британската полиција соопшти дека уште едно лице е приведено во врска со терористичката закана поради којашто полицијата го евакуираше трговскиот центар во градот, „Арндејл“.
Во соопштението се наведува дека случаите во Манчестер и во Арндејл не се поврзани.
Пред крајот на концертот на поп-ѕвездата Аријана Гранде во „Манчестер Арена“, синоќа одекна силна експлозија во која загинаа најмалку 22 лица, а ранети се 51 лице. Британската полиција ја спроведува истрагата за тој случај, а утринава е соопштено дека станува збор за терористички напад што го извршил бомбаш-самоубиец.
Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, изјави дека денес полицијата го открила идентитетот на извршител на нападот, но дека тој нема да биде објавен поради текот на истрагата.
Меј исто така изјави дека ранетите се згрижени во девет болници и дека меѓу нив има поголем број на животно загрозени лица.
Поради синоќешниот напад во Манчестер, како што изјави премиерката Меј, запрени се сите активности поврзани за предизборната кампања од предвремените парламентарни избори кои во таа земја ќе бидат одржани на 8 јуни.
Синоќешниот напад во Манчестер го осудија голем број земји на меѓународната заедница, вклучувајќи ги САД, Германија, Франција, Турција, Канада, како и меѓународните организации како ЕУ и НАТО.