Selen Temizer
23 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за синоќешниот напад во Манчестер, во којшто загинаа најмалку 22 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Преку интернет порталот со кој управува, ДЕАШ наведе дека еден припадник на оваа организација во Манчестер убил голем број на луѓе.
Кон крајот на концертот на поп-ѕвездата Ариана Гранде во „Манчестер Арената“ синоќа одекна силна експлозија во која загинаа најмалку 22, а беа повредени 59 лица.
Британската полиција врши истрага за случајот, и утрово беше соопштено дека ова е терористички напад кој го извршил бомбаш-самоубиец.
Во Манчестер денес беше уапсено 23-годишно момче осомничено за поврзаност со синоќешниот терористички напад.
Премиерката на Велика Британија, Тереза Мај, денес изјави дека полицијата го открила идентитетот на извршителот на нападот, но дека тој нема да биде објавен поради истрагата.
Меј исто така кажа дека повредените во нападот се згрижени во девет болници и дека меѓу нив има поголем број на животно загрозени.
Поради синоќешниот напад во Манчестер, како што рече премиерката Меј, стопирани се сите активности поврзани со изборната кампања во пресрет на предвремените парламентарни избори, кои ќе во земјата ќе се одржат на 8 јуни.
Синоќешниот напад во Манчестер го осудија голем број земји од меѓународната заедница, вклучувајќи ги и САД, Турција, Германија, Франција, Канада, како и меѓународни организации, како што се Европската Унија и НАТО.