Маск повторно повика на избори во Украина, тврдејќи дека Зеленски ќе загуби убедливо
Коментарите на Маск следуваа како одговор на објавата во која се наведува дека тимот на Трамп се сретнал со украинските опозициски лидери за да разговараат за можноста за вонредни избори за смена на Зеленски

ИСТАНБУЛ (АА) – Американскиот бизнисмен и директор на Одделот за владина ефикасност во администрацијата на Доналд Трамп, Илон Маск, повторно побара Украина да одржи избори, уверувајќи дека актуелниот претседател Владимир Зеленски би загубил убедливо, јавува Анадолу.
„Украина мора да одржи избори. Зеленски би загубил со голема разлика“, објави Маск на социјалната мрежа Х вчера.
Коментарите на Маск следуваа како одговор на објавата во која се наведува дека тимот на Трамп се сретнал со украинските опозициски лидери за да разговараат за можноста за вонредни избори за смена на Зеленски.
Според „Политико“, четворица членови од најблискиот круг на Трамп тајно се состанале во Киев со поранешната премиерка Јулија Тимошенко и со член на партијата на поранешниот претседател Петро Порошенко.
Во извештајот се наведува дека овие состаноци се одржале додека Вашингтон се усогласува со Москва во обид да го отстрани Зеленски.
Како одговор на овие тврдења, Порошенко на социјалната мрежа „Х“ напиша дека тој и неговите американски партнери „јавно и транспарентно работат на одржување на двопартиската поддршка за Украина“, нагласувајќи дека сите дискусии биле базирани на принципите „безбедност на прво место и мир преку сила“.
- Нема избори под воена состојба -
Минатиот месец, Трамп ја доведе во прашање легитимноста на Зеленски, тврдејќи дека тој има само 4 отсто поддршка во јавноста и го нарече „диктатор без избори“.
Маск, пак, претходно сугерираше дека доколку Зеленски е навистина омилен меѓу Украинците, тој би одржал избори.
Милијардерот тврдеше дека украинскиот претседател е „омразен“ од својот народ.
Мандатот на Зеленски заврши во мај 2024 година.
Сепак, според украинските закони, избори не можат да се одржат додека е на сила воената состојба, која беше воведена по руската инвазија во 2022 година.
На 25 февруари, украинскиот Парламент со големо мнозинство изгласа резолуција со која се потврдува легитимноста и уставноста на продолженото раководење на Зеленски во воени услови.
Во резолуцијата се наведува дека изборите ќе бидат одржани откако ќе биде воспоставен мир.
Опозициските политичари Тимошенко, Порошенко и градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, јавно се спротивставија на одржувањето избори пред завршувањето на војната.
Сепак, според извор од Републиканската партија кој разговарал со „Политико“, „луѓето на Порошенко и Јулија, сите тие комуницираат со тимот на Трамп“, позиционирајќи се како полесни партнери кои „би прифатиле многу од работите на кои Зеленски не се согласува“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.