Büşra Selvi Öğütcen
25 Мај 2020•Ажурирај: 26 Мај 2020
ВЕЛИНГТОН (АА) - Главната извршна директорка на „Stuff“, која е една од најголемите медиумски компании во Нов Зеланд, ја купи оваа компанија за еден долар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација преку соопштение испратено до австралиската берза ја потврди компанијата „Nine Entertainment“ со седиште во Австралија, во чии рамки се наоѓа и „Stuff“.
Во соопштението се нагласува дека „Stuff“ во рамки на договорот што ќе се финализира до крајот на месецот, ќе биде продадена на нејзината главна извршна директорка, Шинед Боучер.
Меѓу другото, главниот извршен директор на „Nine Entertainment“, Хју Маркс, истакна дека тоа што „Stuff“ ќе добие локален сопственик е најдобар резултат од аспект на конкуренцијата и консуматорите во Нов Зеланд.
Боучер, која ќе ја купи компанијата за 1 долар, истакна дека е многу среќна и горда.
Четириесет и деветгодишната Боучер нагласи дека добила исклучително позитивни реакции во оваа насока, и дека нема некоја идеја за затворање на медиумската компанија или за намалување на бројот на вработените.
„Stuff“ е компанија која ги печати поголемиот дел од дневните весници во земјата и управува со една интернет-страница за вести, а има 900 вработени, меѓу кои 400 новинари.