Erbil Başay
08 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел призна дека за време на нејзиниот мандат не успеала да создаде безбедносна архитектура што би можела да ја спречи војната на Русија во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во нејзиното прво јавно интервју по заминувањето од функцијата во декември, Меркел пред аудиториумот во Театарот на ансамблот „Берлинер“ изјави дека за време на нејзините последни неколку недели на функцијата почнала сериозно да ја сфаќа можноста Русија да започне војна во Украина.
Обвинувајќи ја Русија, Меркел истакна дека нема оправдување за нападот врз Украина, кој го нарече брутален и кој го прекршува меѓународното право.
Меркел, исто така, го поздрави украинскиот претседател Владимир Зеленски за неговото лидерство, додавајќи дека ја претставува „новата Украина“.
„Јас не го делам мислењето на [рускиот претседател] г. [Владимир] Путин, да разјасниме. Но не успеавме да создадеме безбедносна архитектура која ќе можеше да го спречи ова [војната во Украина], и ние треба исто така да размислиме за тоа.“
Таа, исто така, ги отфрли критиките дека под нејзино водство, Германија била во илузија дека воено агресивната Русија може да се демократизира со проширување на трговските врски со западните земји.
„Јас не верував дека Путин може да се смени преку трговија“, истакна таа, додавајќи дека верувала дека сепак, ако политичката соработка е невозможна, разумно е барем да има некои економски односи со Русија.
Објаснувајќи дека нејзините односи со Путин се влошиле по руската анексија на Крим во 2014 година, Меркел рече дека им кажала на луѓето оти „Путин сака да ја уништи Европа бидејќи ја гледа ЕУ како прелиминарна фаза на НАТО“.
Таа истакна дека за време на нејзиното раководство, работела доволно напорно за да не ескалираат тензиите со Русија, но дека е жално што не можело тоа да се постигне.
Претходно, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, силно ја критикуваше енергетската политика на земјата кон Русија, под водство на Меркел.
Според Баербок, држејќи се до германско-рускиот гасовод „Северен тек 2“, кој долго време беше критикуван од централните и источните Европејци, се покажало за фатално.
„Тоа беа јасни грешки, кои новата германска Влада ги исправи“, рече таа во април.
Меркел долго време говореше за „Северен тек 2“ како проект од приватниот сектор. По промената на Владата, ниту нејзиниот наследник Олаф Шолц првично не се огради од проектот.
Меѓутоа, со започнувањето на војната на Русија во Украина, Германија ја стави во мирување сертификацијата на гасоводот.