Dilara Zengin Okay
08 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Светска банка соопшти дека одобрила 1,49 милијарди долари дополнителна финансиска поддршка за Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од банката се наведува дека новото финансирање е дел од пакетот поддршка од над 4 милијарди долари.
Во соопштението се наведува дека досега се потрошени приближно 2 милијарди долари и се додава дека Бордот на извршни директори на Светска банка одобрил дополнително финансирање од 1,49 милијарди долари за Украина со цел поддршка на јавните расходи во земјата.
Новото финансирање ќе биде искористено за исплата на платите на владините институции и социјалните работници.
Исто така, се додава дека за новите ресурси се користени гаранции за финансирање од Велика Британија, Холандија, Литванија и Летонија, а се наведува дека ресурсите се поддржани и со паралелно финансирање од Италија.
Претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, истакна дека Групацијата на Светска банка обезбедува континуирана поддршка на Украина и нејзиниот народ во услови на тековната војна.
„Работиме со земјите донатори за да ја искористиме флексибилноста на нашите различни финансиски инструменти за да обезбедиме финансиска поддршка и да им помогнеме на Украинците да пристапат до здравствената заштита, образованието и социјалната заштита“, нагласи Малпас.