Cüneyt Karadağ
25 Февруари 2021•Ажурирај: 26 Февруари 2021
БЕРЛИН
Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека може да се појави трет бран на епидемијата на Ковид-19, поради зголемувањето на видовите мутација на вирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервјуто за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (Frankfurter Allgemeine Zeitung), Меркел, потсетувајќи дека на крајот на декември 2020 година германскиот здравствен систем беше на работ на вонредна состојба, рече дека денес бројот на случаи со вирусот е многу помал и дека смртните случаи предизвикани од вирусот Ковид-19 се намалени.
Истакнувајќи дека чекор по чекор може да се размислува за олабавување на рестриктивните мерки преземени против ширењето на Ковид-19, Меркел рече:
„Олабавувањето ќе беше полесно да немаше мутации кои се шират бргу. Поради тие мутации, сега влегуваме во нова ера на епидемијата, во која може да се појави третиот бран. Мутацијата со потекло од Велика Британија е поагресивна и ќе го замени првиот вирус што се појави. Сега треба да продолжиме мудро и внимателно, за третиот бран да не бара ново затворање низ цела Германија.“
Наведувајќи дека ќе бидат потребни уште неколку месеци за целосно да се контролира епидемијата, Меркел нагласи: „Ако вакцините го покажат својот ефект, ако компаниите произведат и нѐ снабдат како што ветија, ќе бидеме многу близу до колективниот имунитет по неколку месеци.“