Ekipa
22 Ноември 2018•Ажурирај: 22 Ноември 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј истакна дека по долгата средба со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Брисел, постигнат е понатамошен напредок во преговорите за Брегзит, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Имавме многу добар состанок. Постигнавме напредок, и како резултат на тоа, им дадовме доволни насоки на нашите преговарачи“, изјави Меј во интервјуто за локалните медиуми.
„Се надевам дека тие ќе можат да изнајдат решение за останатите прашања и дека работата на тоа ќе почне веднаш. Планирам да се вратам за понатамошни средби, вклучувајќи и средба со претседателот Јункер в сабота, за да разговараме како да го доведеме до крајот овој процес а да биде во интерес на сите“, додаде Меј.
Британската премиерка во Брисел ќе се врати в сабота на итен состанок за финализирање на Нацрт-договорот за повлекување и за политичката декларација што ја содржи.
Итниот состанок беше објавен откако германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нема да сака да преговара со Меј доколку нема финализиран договор до вонредниот Самит за Брегзит в недела.
Строгата изјава на Меркел ја разбранува работата за Брегзит на „Даунинг стрит“, од каде што се планираше да се изврши притисок за постигнување договор меѓу лидерите на ЕУ27 пред „значајното гласање“ за Договорот на Меј во Парламентот во декември.
Меј рече дека иако многу од прашањата биле опфатени на средбата со Јункер, имало дополнителни прашања кои треба да се решат, и дека работата на тие прашања ќе започне веднаш пред да се објави целосниот Договор за Брегзит.
„Беше постигнат многу добар напредок на средбата меѓу претседателот Јункер и премиерката Тереза Меј. Работата продолжува“, изјави портпаролот на Европската комисија.
Лондон и Брисел го потпишаа Договорот за повлекување, документ кој содржи 585 страници, кој ги опфаќа граѓанските права, спогодбата за разделување од 39 милијарди фунти и спорното прашање за границата со Ирска.
Меј го финализираше нејзиниот Договор за Брегзит за повлекување од ЕУ на 13 ноември, и иако нејзиниот кабинет колебливо се согласи да го поддржи, договорот се соочи со големи критики од нејзината партија и од опозициската Лабуристичка партија, што резултираше со оставка на двајца министри од нејзиниот кабинет во знак на протест.
Допрва треба да се види дали Меј ќе успее да го помине Договорот за Брегзит во Парламентот, бидејќи Демократската унионистичка партија на Северна Ирска, од која Меј зависи со цел да го протурка својот закон во Парламентот, во неколку наврати соопшти дека ќе гласа против нејзиниот Договор, како и другите партии во Парламентот.