Büşra Selvi Öğütcen
15 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
ХАГ (АА) - Припадниците на американската војска и на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) можеби сториле воени злосторства на подрачјето на Авганистан, Полска, Романија и во Литванија, се наведува во соопштението на Меѓународниот кривичен суд (МКС), јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од канцеларијата на главната обвинителка на МКС, Фату Бенсуда, се наведува дека постои можност американските војници и службеници на ЦИА да сториле воени злосторства во споменатите земји, и тоа со мачење на приведените лица.
Постои сомнеж дека американските војници во Авганистан, во периодот од 1 мај 2003 до 31 декември 2014 година, измачувале и сурово се однесувале кон 61 лице.
Исто така, постои можност дека лица вработени во ЦИА, во периодот од декември 2002 година до март 2008 година, измачувале, сурово се однесувале, ја нарушувале честа и силувале 27 приведени лица во Авганистан, Полска, Романија и Литванија. Повеќето од овие злосторства се случиле во периодот измеѓу 2003 и 2004 година, се истакнува во соопштението.
Се додава дека воените злосторства кои можеби ги извршиле вработени во ЦИА, не се изолирани злоупотреби на неколкумина поединци, туку се сторени како одобрени техники на испитување за да се добијат потребните информации од приведените лица. Злосторствата се сторени со суровост, нарушувајќи го основното човеково достоинство.
Обвинителите истакнуваат дека се во тек истрагите поврзани за злосторствата коишто можеби ги сториле вработените на ЦИА во центрите за приведување во Полска, Романија и во Литванија.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на САД, Елизабет Трудо, изјави дека САД не верува оти соопштението на МКС е соодветно.
Во соопштението, обвинителите од МКС истакнуваат дека постои можност талибанците и припадниците на силите на авганистанската Влада да сториле злосторства и измачувања за време на долгогодишните судири во земјата.
Исто така, се наведува дека талибанците и групите кои им припаѓаат, убиле илјадници лица и сториле воени злосторства: убивање, регрутирање на деца-војници и напаѓање на цивилите и хуманитарците.