Ekipa
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
МОСУЛ (АА) - Најмалку 23 лица, меѓу кои десет жени и пет деца загинаа вчера, во самоубиствени напади во Мосул, зад кои се верува дека стојат припадниците на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Двајца бомбаши-самоубијци го активираа експлозивниот појас помеѓу цивилите кои се обидуваа да побегнат од областа Стар град во Мосул, изјави за АА полковник Ахмед Ќасам aл-Убеиди.
Тој истакна дека девет лица загинале во ракетните напади на припадниците на ДЕАШ.
Истовремено, 15 ирачки полицајци по грешка се убиени во воздушен напад на меѓународната коалиција во Мосул, потврдија ирачките власти.
Коалицијата предводена од САД сѐ уште не се огласи по повод инцидентот.
Терористите на ДЕАШ во јуни 2014 година го окупираа Мосул, а лидерот на таа терористичка група, Абу Бекр Ал Багдади во неодамна урнатата Голема џамија во центарот на Мосул прогласи основање на таканаречениот калифат на ДЕАШ.
По тримесечна акција, здружените ирачки сили со поддршка на меѓународната коалиција во јануари го ослободија источниот дел на Мосул, а на 19. февруари е започната акција за ослободување на центарот на градот, кој се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.
Некогаш вториот најголем ирачки град е најголемата тврдина на ДЕАШ и самопрогласена престолнина на таканаречениот калифат, а ирачките сили најавуваат дека ќе биде и симбол на падот на тероризмот во таа земја.