Corey Blackman
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја утринава лансираше балистичка ракета од среден дострел, соопштија официјалните лица на Јужна Кореја наведувајќи дека ракетата паднала во Јапонското Море, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Северна Кореја околу 9.40 часот по локално време од покраината Пјонгјанг лансираше неидентификувана балистичка ракета во Јапонското Море. Проектилот леташе 930 километри“, соопштија властите во Сеул.
Ова е шесто ракетно тестирање на Северна Кореја откако Мун Џае-ин во мај стапи на должноста претседател на Јужна Кореја, а извршено е неколку дена по неговата посета на САД и по состанокот со американскиот колега Доналд Трамп, кој беше посветен на заканата од Северна Кореја.
Севернокорејските државни медиуми денес соопштија дека мир на полуостровот повеќе би можел да се постигне со повлекување на американските трупи и оружје отколку со покорност на Јужна Кореја на САД.
Денешното ракетно тестирање е едно од низата забранети активности на Северна Кореја според претходните резолуции на Советот за безбедност на ОН, со коишто е забранета нуклеарната и балистичката програма на таа земја.