Zehra Ulucak
11 Октомври 2018•Ажурирај: 11 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, изјави дека неговата земја и Северна Кореја ветиле да стават крај на воените несогласувања и дека започнал патот на потполно уништување на нуклеарното оружје и воспоставување траен мир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинската агенција „Јонхап“ јави дека Мун присуствувал на програмата на Меѓународниот преглед на морнарицата на Јужна Кореја.
„Јужна и Северна Кореја ветија да стават крај на воените несогласувања и започна патот на целосно уништување на нуклеарното оружје и воспоставување траен мир“, изјави Мун.
Тој порача дека патот кој води кон мир нема да биде лесен, но дека Јужна Кореја ќе оди по него до крај, и укажа на важноста од силна војска при постигнувањето и изградбата на мирот.
Тој истакна дека морнарицата на Јужна Кореја ќе биде зајакната.
„Она што мора да го имаме за да ja исполниме целта за мир и благосостојба е силната способност за одбрана“, смета Мун.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, на 27 април се состанаа во демилитаризираната зона Панмунџом. Кон крајот на самитот е соопштено дека е постигнат договор за почеток на преговорите за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и претворање на моменталното примирје во траен мир.
Мун и Ким се состанаа и на 26 мај кога разговараа за мировниот процес меѓу двете земји.
Лидерите на Северна и Јужна Кореја по трет пат се состанаа во септември, кога е објавен заеднички документ со кој е ветено дека ќе бидат продолжени заедничките напори за постигнување мир меѓу двете земји.
Кажано е дека доколку САД ги преземат потребните чекори, Северна Кореја ќе преземе повеќе чекори кога станува збор за денуклеаризација на Полуостровот.
Истакнато е дека Северна Кореја и Јужна Кореја на меѓународните спортски натпревари ќе продолжат да работат заедно и дека ќе работат заедно за да бидат домаќин на Летните олимписки игри 2032 година.