Muhammed Ali Akman
22 Јуни 2017•Ажурирај: 23 Јуни 2017
MEKA (АА) - Новоизбраниот прв престолонаследник на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, е инаугуриран на таа функција, јавува Anadolu Agency (AA).
Свечената инаугурација се одржа синоќа по терави-молитвата во палатата Сафа во Мека, а присуствуваа голем број саудиски официјални лица, високи функционери, верски и племенски лидери кои со часови чекаа ред да му честитаат и да му изразат лојалност на новиот принц Мухамед.
Главниот саудиски муфтија, Абделазиз ес-Шеик, им се обрати на присутните и рече дека принцот Мухамед положи свечена заклетва пред кралот Селман и дека и другите официјални лица можат да дојдат и да се заколнaт на лојалност пред него, како прв наследник на престолот на Саудиска Арабија.
Тоа беше трета свечена инаугурација и давање заклетва на саудискиот кралски двор во изминатите 30 месеци, а прва во историјата одржана во Мека.
Сегашниот крал Селман на таа функција беше инаугуриран во јануари 2015 година, а довчерашниот прв престолонаследник, Мухамед бин Најиф, првично беше инаугуриран во април истата година.
Кралот Селман вчера од сите функции го разреши првиот принц, премиер и министер за внатрешни работи на Саудиска Арабија, Мухамед бин Најиф, а на негово место го именуваше неговиот син Мухамед бин Селман, кој ќе продолжи да ја извршува и својата досегашна функција, министер за одбрана.
Со последната одлука изменета е и важна уставна одредба на Саудиска Арабија, па наместо досегашната одредба кралот да се избира меѓу синовите на основачот и лидер Абдулазиз бин Абдурахман бин Сауд, сега стои кралот да биде биран меѓу неговите синови и внуци. Така, отворен е патот на третата генерација од кралското семејство да дојде на престолот во таа земја.