Ömer Faruk Yıldız
20 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Во Мјанмар најмалку 200.000 луѓе останаа без работа во текстилниот сектор поради негативните последици од воениот удар врз економијата на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за порталот „Мјанмар нау“ („Myanmar Now“), застапникот за работнички права Је наинг Вин истакна дека од пучот на 1 февруари повеќето од познатите текстилни компании во земјата престанале со своето работење.
Вин наведе дека секторот, кој веќе има проблеми поради епидемијата на Ковид-19, е уште повеќе погоден како резултат на воениот удар.
„Најмалку 200.000 луѓе останаа без работа во секторот кој вработува 700.000 луѓе низ целата земја“, рече Вин.
Истакнувајќи дека воениот удар лошо влијаел на инвеститорите, тој изјави: „Половина од текстилните фабрики во Мјанмар во моментов не работат.“
- Притворениот јапонски новинар обвинет за ширење на лажни вести
Од друга страна, јапонскиот новинар Китазуми Јуки, кој вчера беше приведен во Јангон во Воениот суд е обвинет за ширење лажни вести.
Во вестите на „МРТВ“, еден од медиумите на Армијата на Мјанмар, беше истакнато дека доколку обвиненијата бидат прифатени новинарот Јуки од весникот „Никеи“, ќе биде осуден на казна затвор до 3 години.
Исто така, се наведува дека 45-годишниот новинар се наоѓа во затворот „Инсеин“ во Јангон.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.