Büşra Selvi Öğütcen
11 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ЈАНГОН (АА) - Продолжува потрагата по неодамна исчезнатиот воен авион во Мјанмар. Спасувачките екипи досега успеаја да ги пронајдат телата на 46 настрадани од вкупно 122 лица, кои се наоѓале во авионот. Авионот исчезна од радарот за време на летот над Индискиот Океан, јавува Anadolu Agency (AA).
Војската на Мјанмар соопшти дека потрагата по исчезнатиот воен товарен авион продолжува денес, откако беше прекината вчера поради лошите временки услови во Андаманското Море.
Спасувачките екипи денес од морето ги извлекоа телата на уште 15 лица, со што бројот на пронајдените настрадани се зголеми на 46. Меѓу извлечените тела се наоѓаат 23 жени и 9 деца.
Портпаролот на мјанмарската војска, генерал Аунг Је Вин, изјави дека авионот исчезнал пред пет дена и дека се мали шансите некој од 122 патници и членови на екипажот да ја преживеал несреќата.
Кратко по полетувањето од воениот аеродром во Мјеик, воен товарен авион со 122 патници и членови на екипажот исчезна во средата за време на летот кон Јангон. Во авионот се наоѓаа 14 членови на екипажот и 108 војници и членови на нивните семејства.
Во потрагата по исчезнатиот авион учествуваат девет воени бродови, шест авиони и три хеликоптери.
Местото на кое во средата од радарот исчезна авионот на мјанмарската војска, се наоѓа на само неколку стотици километри северно во Индискиот Океан од местото на кое од радарот во март 2014 година исчезна патничкиот авион на Malaysia Airlines (Малезија ерлајнс) на летот Куала Лумпур - Пекинг, кој досега не е пронајден.