АНКАРА
Двајца војници кои служеле во војската на Мјанмар признаа дека ги убивале муслиманите од Аракан, ги закопувале во масовни гробници и ги силувале жените, известува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times), двајца војници кои минатиот месец избегале од Мјанмар, биле однесени во холандскиот град Хаг во рамките на истрагата што ја води Меѓународниот кривичен суд во врска со обвинувањата за злосторствата против човештвото што се извршени во Мјанмар.
Војниците чии искази се снимени, изјавија дека биле на должност во местата Бутидаунг и Маунгдав во араканската област каде што учествувале во убивањето и закопувањето во масовни гробници на араканските муслимани.
Во исказите на војниците се поддржуваат широкораспространетите тврдења дека Армијата на Мјанмар се обидува да ги искорени муслиманите од Аракан.
Војникот Мио Вин Тун (33) во својот исказ наведе дека во август 2017 од своите претпоставени добил наредба „Убијте ги сите“.
Мио Вин Тун рече дека ја почитувал оваа наредба и учествувал во убиството на 30 муслимани од Аракан и нивното погребување во масовни гробници во близина на една воена база и една базна станица.
Признавајќи дека учествувал во закопувањето на 8 жени, 7 деца и 15 мажи, Мио Вин Тун истакна: „Неселективно ги застрелавме сите. Мажите муслимани ги застрелавме во нивните чела и со нозете им ги туркавме телата во јамите.“ Освен тоа, Мио Вин Тун призна дека силувал една жена.
Мио Вин Тун, признавајќи дека спроведувал расна дискриминација врз араканските муслимани, истакна дека од својот претпоставен, полковник Тан Хтике, ја добил наредбата „Уништете ги муслиманите од Аракан“.
Мио Вин Тун во својот исказ рече: „Учествував во убиството и погребот на 30 невини муслимански деца, жени и мажи.“
Десетарот Зау Наинг Тун во својот исказ рече дека и тој, со неговиот баталјон бил во едно село недалеку од местото каде што биле масакрирани 30 муслимани од Аракан.
Зау Наинг Тун кој е поранешен будистички монах, во својот исказ рече дека од своите претпоставени добил наредба „Убијте ги сите, без разлика дали се возрасни или деца“.
„Околу 20 села [во кои живеат Рохинџите] избришавме од картата“, рече Зау Наинг Тун, додавајќи дека и тој самиот учествувал во закопувањето на убиените во масовните гробници.
Зау Наинг Тун призна дека заедно со војниците од баталјонот во кој служел убиле 80 аракански муслимани.
Зау Наинг Тун раскажа дека нападнале 20 села меѓу кои се наоѓаат и Дое Тан, Нган Чаунг, Кјет Јое Пјин, Зин Паинг Нјар и Шеј Кја во подрачјето Маунгдав, а заедно со 4 војници од баталјонот во кој служел, во Зин Паинг Нјар убиле 7 аракански муслимани.
Зау Наинг Тун изјави дека заробиле и убиле 10 невооружени лица и ги закопале во масовна гробница на северот од селото.
Тврдејќи дека не учествувал во сексуалните насилства бидејќи имал многу низок чин, Зау Наинг Тун изјави дека чувал стража додека другите војници ги силувале араканските жени.
Двајцата војници рекоа дека наредбата „Убијте ги сите“ ја издале полковникот Тан Хтике, капетанот Тун Тун и наредникот Аунг Сан Оо, кои во тој период биле задолжени за подрачјата Бутидаунг и Маунгдав.
Ова е за првпат припадници на војската на Мјанмар (Татмадау) отворено да признаат дека учествувале во масакрот врз муслиманите од Аракан, што официјалните лица на Обединетите нации го опишаа како кампања за геноцид.
Во меѓувреме, бројни селани од Аракан, независно едни од други, ги потврдија локациите на масовните гробници. Овие локации се совпаднаа со местата што војниците ги наведоа во нивните искази. Овие искази ќе може да се користат како доказ во истрагата на МКС и другите правни процеси за масовните гробници кои Владата на Мјанмар постојано ги негира.
Муслиманите од Аракан кои живеат во село што се наоѓа во непосредна близина на областа на базата на 552. Лесен пешадиски баталјон, го идентификуваа војникот Мио Вин Тун и дадоа детални информации за локацијата на две масовни гробници во областа.
Двајцата војници не се приведени, но сè уште не е објавено каква ќе биде нивната судбина.
Баша Мија, муслиманка од Рохинџите, која престојувала во логорите во Бангладеш, рече дека нејзината баба е убиена и фрлена во една од овие масовни гробници заедно со други 16 лица од селото Тин Га Нет. Подоцна селото Тин Га Нет е запалено од страна на мјанмарските војници и е избришано од картите.
Мија рече дека одвреме-навреме плаче кога ќе се сети на нејзината баба, и се чувствува лошо бидејќи баба ѝ не е соодветно погребана.
Очевидците од Аракан изјавија дека откако војниците ги фрлиле телата во масовните гробници, донеле булдожери за да ги покријат.
Башир Ахмед, од селото Зин Паинг Нјар, изјави дека војниците дошле во нивното село на 26.8.2017 година и отвориле оган кон секого што ќе им се нашол на патот.
„Ги запалија нашите домови. Ништо не остана“, рече Ахмед.
Метју Смит, претседател на Организацијата за човекови права „Фортивај рајтс“ (Fortify Rights), со седиште во Банкок, тврди дека ова претставува одличен момент за муслиманите од Аракан и за луѓето во Мјанмар кои се стремат кон правда.
Смит истакна дека овие војници може да бидат првите обвинети и првите сведоци на МКС од Мјанмар.
Пајам Акхаван, меѓународен правен специјалист од Универзитетот „Мекгил“ во Канада, кој во Бангладеш има улога на советодавач на муслиманите од Аракан во истрагата на МКС, истакна дека двајцата војници треба да одговараат за 600.000 Рохинџи кои биле жртви на слични злосторства во Мјанмар.
Акхаван рече: „Оставањето без казна не е опција. Малку правда е подобро отколку неспроведување правда за никого.“
Во Бутидаунг и Маунгдав во август 2017 година, 353. и 565. баталјони на лесната пешадија спроведоа „операции за чистење“.
Во Аракан, во 2012 година започнаа судири меѓу будистите и муслиманите. Во овие настани илјадници луѓе, претежно муслимани, беа масакрирани, а стотици домови и деловни простории беа запалени.
Наведувајќи ги истовремените напади врз граничните пунктови во Аракан на 25 август 2017 година, Армијата на Мјанмар и будистичките националисти започнаа акти на масовно насилство.
Според извештајот што го објави Меѓународната агенција за развој на Онтарио во август 2018 година, најмалку 24.000 муслимани Рохинџа се убиени од Армијата на Мјанмар од 25 август 2017 година. Војниците во оган фрлија 34.000 аракански муслимани и претепаа 114.000 Рохинџи.
Според извештајот, припадниците на војската силувале 18.000 жени.
Меѓународните организации за човекови права, објавувајќи сателитски снимки, докажаа дека стотици села се уништени.
Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права насилството врз араканските муслимани го нарекоа „етничко чистење“ или „геноцид“.
news_share_descriptionsubscription_contact
