Muhammed Emin Canik
30 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Министерството за правда на Чиле соопшти дека во демонстрациите против власта и насилствата, кои веќе две недели траат во оваа земја, животот го загубиле 20 лица, 1.218 се повредени, а 9.203 лица се приведени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во Сантјаго, главниот град на јужноамериканската држава Чиле, на 6 октомври започнаа протести поради покачувањето на цената на метрото за 4 отсто, кое е најважното средство за транспорт во Сантјаго. На 19 октомври протестите прераснаа во насилни и во голем број градови во Чиле демонстрациите против власта им отворија пат на грабежите и насилствата кои продолжуваат.
Според извештајот што го објави Министерството за правда на Чиле, досега на демонстрациите, во кои спаѓаат и случаите на грабеж и подметнување пожари, животот го загубиле 20 лица, а 1.218 се повредени, од кои 745 се припадници на безбедносните сили.
На територијата на Чиле безбедносните сили досега приведоа 9.203 лица што учествувале на демонстрациите и лица што не ја почитувале забраната за излегување на улица, што беше воведена во периодот од 19 до 26 октомври.
Во насилните настани се запалени 26 автобуси, а уништени се 49 метро станици.
- Демонстрациите продолжуваат -
Иако претседателот на Чиле, Себастијан Пинера, донесе одлука за смена на 8 министри, меѓу кои и министрите за финансии и внатрешни работи, демонстрантите продолжуваат со протестот, особено во главниот град Сантјаго.
Демонстрантите се собираат на историскиот плоштад „Италија“ во Сантјаго и бараат оставка на претседателот Пинера. За време на демонстрациите доаѓа до повремени кавги и судири меѓу демонстрантите и претставниците на безбедносните сили.
Претходниот ден, демонстрантите сакале да маршираат од плоштадот „Италија“ кон Претседателската палата „Ла Монеда“, но биле запрени од страна на полицијата, по што дошло до судир меѓу двете страни, по кој демонстрантите запалиле еден трговски центар во близина.
На 25 октомври во главниот град се одржаа демонстрации на кои учествуваа 1 милион и 200 илјади протестанти, а се очекува кон крајот на неделата повторно да се одржи голем протест доколку Пинера не поднесе оставка.
Во Чиле, иако Владата презеде голем број отстапки, демонстрантите не запираат и за првпат по соборувањето на диктаторот Аугусто Пиноче во 1990 година е прогласена вонредна состојба и безбедноста ѝ е предадена на Војската, не сметајќи ги вонредните состојби поради природни катастрофи.