Tuğrul Çam
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
АНКАРА (АА) - Ерменците кои живеат во Соединетите Американски Држави (САД), тврдејќи дека за време на настаните во 1915 година им бил одземен имотот, започнаа судски процес против Турција. По долгиот судски процес предметите се отфрлени, така што надежта на Ерменците од САД да добијат надомест и земја од Турција во голема мера пропадна, пишува Anadolu Agency (AA).
На 29 јули 2010 година американските државјани со ерменско потекло Гарбис Давојан и Храјр Турабијан и на 10 декември 2010 година Алекс Бакалијан, Анаис Хароутанијан и Рита Махдесијан во Државниот окружен суд во американската сојузна држава Калифорнија поднесоа две одделни жалби за отштета против Турција, Централната банка и Зираат банка. Жалбите беа одбиени.
Американските државјани со ерменско потекло, кои започнаа судска постапка во американските судови, за време на 9-годишниот судски процес тврдеа дека имотот и нивната земја се конфискувани од Отоманското Царство за време на настаните од 1915 година и дека трезорот и државните банки се здобиле со неправедна корист. Во предметите се бараше надомест на штета за наследниците во рамките на меѓународното право и од аспект на кршењето на човековите права.
Одбраната на турските банки се засноваше на принципот на суверен имунитет. Во одбраната се наведе дека не може да се суди во согласност со Законот за странски суверен имунитет, што постои во американскиот правен систем од 1976 година.
Тужителите тврдат дека треба да се применуваат исклучителните одредби од овој закон за експропријација и трговски активности, за да може да се суди на странски држави или банки.
- По 9 години донесена одлука во корист на Турција -
Во својата пресуда од 26 март 2013 година, Регионалниот окружен суд во Калифорнија заклучи дека тврдењето е неразумно и во суштина се работи за политичко прашање. Оваа одлука во корист на Турција не ја спречи ерменската дијаспора да продолжи со жалбите.
Адвокатите на Ерменците во САД во април 2013 ја обжалија одлуката до Апелациониот суд. Апелациониот суд во Калифорнија ги спои двата предмети. На крајот на деветгодишната правна битка, Апелациониот суд на Калифорнија донесе одлука во корист на Турција. На 8 август 2019 година Судот ја отфрли жалбата на Ерменците со образложение дека е „истечен рокот“. На тој начин одлуката на првостепениот суд беше потврдена.
Апелациониот суд ја засноваше својата одлука врз основа на „истечен рок“, а не на „доктрина за политички работи“, како што ја засноваше првостепениот суд. Тоа беше одлука која беше помоќна за Турција.
Во својата пресуда, Апелациониот суд, исто така, наведе дека тужителите не биле вистинските жртви на наводните „масакри“ и дека предците на многу од нив се населиле во САД пред децении.
Судот едногласно ги отфрли предметите без да започне истрага во врска со историските тврдења на Ерменците.
- Одлуката е конечна -
Американците со ерменско потекло, кои ја започнаа судската постапка, до 22 август 2019 година имаа можност да поднесат барање за да биде предметот повторно разгледан од истите членови или од нов состав од 11 судии.
Сепак, тужителите не поднеле такво барање. Фактот дека одлуката се заснова на многу цврста правна основа и била донесена едногласно била причина тужителите Ерменци да не инсистираат на тие барања.
Адвокатите, исто така, наведуваат дека тужителите имаат право да го упатат предметот до Врховниот суд на САД до 6 ноември 2019 година, но веројатноста да се постигне резултат е многу мала.
- Тие го поставија прашањето за земјиштето за базата „Инџирлик“ -
Адвокатите на американските државјани со ерменско потекло, кои поднесоа тужба, во изјавата за медиумите ја опишале одлуката како „Жална за Американците со ерменско потекло“.
Ерменските портали, кои правниот пораз сакаа да го покажат како политички, напишаа: „Одлуката е донесена кога САД се во потрага по нормализирање на односите со Турција, која е сојузник во НАТО, и е донесена кога има дебати за базата „Инџирлик“, која е дел од тужбата“.
Сепак, познато е дека американската администрација не е вклучена во правниот процес.
- Одлуката може да биде пресвртна точка и пример -
Дипломатски извори за АА го оценија процесот во Апелациониот суд на САД и истакнаа дека децениските соништа на некои ерменски кругови не се исполнија.
Истите извори подвлекоа дека одлуката е пресвртна точка во однос на ерменските тврдења и барања за настаните од 1915 година.
Изворите, потсетувајќи дека некои кругови со години водат интензивна борба за да добијат надомест од Турција или да повратат имот, рекоа дека оваа одлука на Судот ќе претставува пример во корист на Турција во однос на сличните барања.
Исто така, важно е и тоа што одлуката е донесена во Калифорнија, каде што ерменската дијаспора е исклучително моќна, и дека таму може да се менуваат закони за нивните интереси.