Fuat Kabakcı
26 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
ХОНГКОНГ (АА) - Триесет и шест лица се приведени на протестите во Хонгконг против нацрт-законот со кој се олеснува екстрадицијата на лица во Кина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на полициските сили во Хонгконг, по вчерашните протести приведени се вкупно 36 лица, од кои 29 мажи и 7 жени.
На вчерашните протести, во судирите меѓу демонстрантите и полицијата повредени се 15 полицајци, кои се пренесени во болница.
За време на протестите еден полицаец отворил предупредувачки оган.
Во соопштението се осудува незаконското однесување на демонстрантите и нивните акти на насилство, и се тврди дека демонстрантите го игнорирале законот и редот.
- Во протестите повредени 41 лице -
Од друга страна, здравствените власти истакнуваат дека 41 лице се хоспитализирани по вчерашните протести.
Во соопштението се нагласува дека 15 од повредените продолжиле да се лекуваат во болниците, а другите се пуштени на домашно лекување.
За време на демонстрациите во Хонгконг во саботата и неделата во неколку делови од градот имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Демонстрантите за барикади користеа железна ограда и канти за отпадоци, а полицијата интервенираше со солзавец и водени топови.
Во протестите, кои траат 3 месеци во градот, полицијата за прв пат користеше водени топови и пиштол.
- Законот за екстрадиција на обвинети лица -
На 3 април пред Парламентот во Хонгконг беше приложен нацрт-закон со кој се олеснува екстрадицијата во Кина, специјалниот административен регион Макао и Тајван, на лицата кои се осудени или обвинети за кривични дела.
Овој нацрт-закон предизвика реакции, бидејќи се смета дека тој може да го доведе во опасност автономниот статус на Хонгконг, а демонстрантите велат дека Пекинг ќе го искористи нацрт-законот да екстрадира политички опоненти.
Во Парламентот на Хонгконг избувна тепачка меѓу пратениците, кои се против законските измени, и оние што ги поддржуваат, при што беа повредени голем број пратеници.
Опозицијата смета дека со законската измена Хонгконг ќе ја загуби својата самостојност, додека властите на Хонгконг сметаат дека станува збор за задолжителна регулатива која е дел од меѓународното право.
Опозицијата стравува дека доколку овој закон биде усвоен, тогаш е можно опозицијата во Хонгконг да биде земена како цел од страна на Кина.
- Предлог-законот суспендиран -
На прес-конференцијата на 15 јуни, челничката на извршната власт на Хонгконг, Кери Лам, соопшти дека законот довел до големи разлики во општеството и затоа е суспендиран.
Лам, извинувајќи се за процесот на донесување на законот што предизвика протести, рече дека оваа година нацрт-законот нема да дојде на дневен ред. Лидерите на демонстрантите кои продолжија со демонстрациите изјавија дека тие ќе продолжат со протестите сè додека нацрт- законот не биде и формално повлечен.