ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во својот текст објавен во американскиот весник „Њујорк тајмс“, вели: „Во период кога злото чека во заседа во секој дел од светот, нашиот долгогодишен сојузник САД, со едностраните чекори што ги преземаат против Турција, може да им нанесат штета само на интересите и безбедноста на САД. Пред да биде премногу доцна, потребно е Вашингтон да ги стави настрана замислите дека нашите односи можат да бидат асиметрични и треба да прифати дека Турција има алтернативи. Доколку овој тренд на едностраност и непочитување не го смени во обратна насока, ќе започнеме да бараме нови пријатели и сојузници“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган за американскиот весник „Њујорк тајмс“ напиша текст со наслов „Како Турција гледа на кризата со САД?“, во која се осврна на тензиите што постојат меѓу двете земји во последниот период.
Ердоган во својот напис истакнува дека Турција и САД последните 60 години се стратешки партнери и НАТО-сојузници. Двете земји во периодот на Студената војна и по него, застанале рамо до рамо против задничките предизвици со кои се соочиле, и додава: „Турција, притрча да им помогне на САД, секогаш кога тоа беше потребно. Во 1962 година, кога претседател на САД беше Кенеди, во периодот на ракетната криза со Куба, беше обезбедено отстранување на поставените советски проектили од Куба, откако од Италија и Турција беа отстранети проектилите Јупитер. По терористичкиот напад на 11 септември, кога Вашингтон реши да им одговори на оние кои го сторија тоа зло и очекуваше поддршка од своите пријатели и сојузници, ги испративме нашите воени единици во Авганистан за успех на тамошната мисија на НАТО.“
Од друга страна, Ердоган истакнува дека САД не покажуваат почит кон турскиот народ и не ја разбираат неговата загриженост.
Ердоган посочува дека во последните години, со недоразбирањата што потекнуваат од САД, тестирано е партнерството меѓу двете земји. „За жал, напразно отидоа сите наши напори да го свртиме во обратна насока овој опасен тренд. Доколку САД не почнат да ја почитуваат нашата независност и не докажат дека ги разбираат опасностите со кои се соочува нашата нација, тогаш нашето партнерство може да биде изложено на ризик“, напиша турскиот претседател.
- „Реакцијата на САД кон обидот за пуч од страна на ФЕТО беше далеку од задоволителна“
Претседателот Ердоган потсетува дека обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 е изведен од страна на припадниците на терористичката организација ФЕТО, чиј лидер, Фетула Ѓулен живее во американската сојузна држава Пенсилванија.
Осврнувајќи се кон ставот на САД за време на обидот за државен удар во Турција и по него, Ердоган во својот напис наведува:
„Припаниците на ФЕТО извршија крвав обид за државен удар врз нашата држава. Таа вечер милиони граѓани излегоа на улиците, несомнено, исто онака како што Американците тоа го почувствуваа при нападот на Перл Харбур и на 11 септември. Таа ноќ херојски загинаа 251 недолжен граѓанин на Турција, кои ги дадоа своите животи за независноста на Турција, меѓу кои беа и мојот почитуван пријател, Ерол Олчок и неговиот син Абдула Таип Олчок, кој долги низа години ги водеше моите изборни кампањи. Доколку беше успешен смртоносниот тим кој дојде по мене и моето семејство, тогаш и јас ќе бев еден од нив. Турскиот народ посака САД да го осудат овој напад и да се солидаризираат со турската легитимно избрана власт. САД тоа не го направија. Реакцијата на САД беше далеку од задоволителна. Наместо да застанат покрај турската демократија, претставниците на САД, на еден претпазлив начин упатија повик за ’Стабилност, мир и континуитет во Турција‘. И ова како да не беше доволно, и покрај билатералниот договор за екстрадиција меѓу двете земји, не е забележан никаков напредок околу барањето на Турција за испорачување на Фетула Ѓулен“, наведува Ердоган во написот објавен во „Њујорк тајмс“.
Ердоган во својот текст истакнува дека второ разочарување во турско-американските односи претставува поддршката што САД во Сирија ѝ ја даваат на терористичката организација ПЈД/ЈПГ, која е огранок на терористичката организација ПКК.
Во однос на ова прашање, претседателот Ердоган во својот текст наведува: „Според анализите што ги изработија турските органи, Вашингтон последните години за испорака на оружје на ПЈД/ЈПГ користел 5.000 шлепери и 2.000 карго авиони. Турската влада постојано ја изразува својата загриженост поради одлуката на американските власти да им даваат обука и опрема на сојузниците на ПКК во Сирија. За жал, тие се глуви на нашите зборови, и американското оружје, на крајот беше употребено против нашето цивилно население и безбедносните сили во Сирија, Ирак и во Турција.“
- „Ќе ги преземеме потребните чекори за заштита на националните интереси“
Откако последните денови САД преземаат голем број чекори кои ги зголемија тензиите меѓу двете земји поради американскиот државјанин Ендрју Брансон, кого турската полиција го приведе под обвинение дека ѝ помагал на една терористичка организација, претседателот Ердоган во својот напис го наведува следното:
„Доналд Трамп, наместо да го почитува правниот процес, како што го предупредив на голем број заеднички средби и разговори, објави закани кои ги надминуваат границите кон нација која е пријател на САД, и кон голем број членови на Одборот на министри спроведе санкции. Тоа е неприфатливо, неразумно и штетно за нашето долгогодишно пријателство. Како одговор на заканите, одлучивме да спроведеме санкции кон американските власти. Ние секогаш ќе останеме доследни на нашите принципи. Обидите за притисок врз нашата власт во периодот на правниот процес е во спротивност со нашиот Устав и заедничките демократски вредноси.
Турција одреди период, и доколку САД тоа не го послушаат, тогаш уште еднаш самите ќе си пресудат. Во 1970 година, Турција, и покрај противењето на Вашингтон, влезе во Кипар, со цел да го спречи геноцидот што кипарските Грци го извршија врз жителите на Кипар со турско потекло. Поради тоа што САД, во последно време не сакаат сериозно да ја сфатат нашата загриженост од постоечката закана за националната безбедност, во северниот дел на Сирија спроведовме две воени операции со кои е спречен протокот на ДЕАШ во границите на НАТО и протерувањето на ЈПГ од сирискиот град Африн. Во ситуации како што се овие, ќе ги направиме потребните чекори, со цел да ги заштитиме националните интереси.“
Својот напис турскиот претседатл Ердоган ја завршува со зборовите:
„Во период кога злото чека во заседа во секој дел од светот, нашиот долгогодишен сојузник САД, со едностраните чекори што ги преземаат против Турција, може да им нанесат штета само на интересите и безбедноста на САД. Пред да биде премногу доцна, потребно е Вашингтон да ги стави настрана замислите дека нашите односи можат да бидат асиметрични и треба да прифати дека Турција има алтернативи. Доколку овој тренд на едностраност и непочитување не го смени во обратна насока, ќе започнеме да бараме нови пријатели и сојузници.“