Aysu Biçer
10 Март 2023•Ажурирај: 11 Март 2023
ЛОНДОН (АА) - Северноатлантскиот сојуз (НАТО) вчера објави дека Туркије, Финска и Шведска се договориле да ја продолжат соработката во рамките на Постојаниот заеднички механизам во борбата против тероризмот, јавува Анадолу.
Трите земји, исто така, се договорија да се сретнат повторно пред самитот во Вилнус во јули, се вели во соопштението на НАТО.
„Финска и Шведска презедоа чекори без преседан за решавање на легитимните безбедносни грижи на Туркије. Сега е време сите сојузници да го завршат процесот на ратификација и да ги поздрават Финска и Шведска како полноправни членки на алијансата пред претстојниот Самит на НАТО во Вилнус“, соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Претставниците од трите земји по средбата разговараа за конкретните чекори преземени за спроведување на трилатералниот меморандум, кој беше потпишан минатиот јуни.
„Како што е договорено во меморандумот, меѓу нив нема ембарго за оружје, тие значително ја подобрија соработката во борбата против тероризмот, а Шведска сега е во процес на заострување на антитерористичкото законодавство, вклучително и против ПКК. Сите учесници го поздравија напредокот кој е направен“, се наведува во соопштението.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО минатиот мај, напуштајќи го децениската воена независност, одлука поттикната од руската агресија врз Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.
Сепак, Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, изнесе приговори, обвинувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации, вклучително и ПКК и терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во Туркије на 15 јули 2016 година.
Во јуни минатата година, Туркије и двете нордиски земји потпишаа меморандум на самитот на НАТО за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, отворајќи го патот за нивното конечно членство во алијансата.
Во меморандумот, Шведска и Финска се согласија да не им даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД и ФЕТО, да ги спречат сите активности на терористичките организации, да екстрадираат осомничени за тероризам, да воведат нови закони за казнување на терористичките злосторства и повеќе да не спроведуваат национални ембарга за оружје меѓу трите држави.
Иако усвои закон за изменување и дополнување на законот за борба против тероризмот и укинување на ембаргото за оружје кон Туркије, Шведска допрва треба да ги исполни деловите од договорот поврзани со спречување терористички активности и екстрадиција во Анкара на осомничени за тероризам.
Само Унгарија и Туркије сѐ уште ги немаат ратификувано протоколите за прием на Шведска и Финска во НАТО. За влез на двете земји во НАТО мора да има согласност од сите 30 членки на алијансата.